Директорката на клиниката за Инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ, во куса изјава за Плусинфо ги негираше информациите кои се појавија во текот на вчерашниот ден за можната појава на првиот сомнителен случај на мајмунски сипаници во Македонија.
– Во последните 24 часа на Клиниката за инфективни болести не е примен пациент со таква симптоматологија – вели д-р Стевановиќ.
Таа додава дека доколку се случи такво нешто, во заедничка координација со Министерството за здравство, како и со вработените на клиниката, ќе се организираат, со цел прием на пациенти со мајмунски сипаници.
Инаку, во текот на вчерашниот ден телевизија Алфа објави дека според неофицијални информации во земјава има прв сомнителен случај на мајмунски сипаници.
Според изворите на телевизијата, најавен е прием на пациент сомнителен на мајмунски сипаници на Инфективна клиника во Скопје. Пациентот бил од Кичево, а се очекувало вчера да пристигне на Инфективна клиника. Кичевската брза помош одбила да го пренесе, па тој со сопствено возило се упатил кон клиниката во Скопје.