Договор во вкупна вредност од 22,6 милиони евра потпишал Хрватскиот институт ИГХ за услуги од стручен надзор и правни совети при изградбата на новите автопатишта кои се дел од коридорите 8 и 10 што ќе се градат во Северна Македонија, јави хрватскиот портал Индекс.хр, повикувајќи се на информации од компанијата.
Договорот станал валиден во средата, 3 август, а бил потпишан од конзорциом предводен од загрепски ИГХ, заедно со Институтот за патишта и Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија, пишува порталот.
Работата се однесува на услугите при рализација на автопатските делници кои ќе го поврзат Гостивар со албанската граница и со Струга, како и автопатот Битола – Прилеп. Консултантот за изградба на коридорите 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и 10 Д (Делница на автопатот Прилеп-Битола), треба понатаму да каже колку ќе чинат овие автопати.
Според објавата на веб-страницата на Загрепската берза, вкупната вредност на договорот е 22,6 милиони евра (без ДДВ), додека учеството на Институтот ИГХ е 8,7 милиони евра (без ДДВ).
Времетраењето на договорот е 58 месеци, при што првата фаза опфаќа преговори, проектирање и извршување 46 месеци, а втората фаза е гарантен рок од 12 месеци.
Новите автопатишта во Македонија ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, под услови кои му се овозможени со посебен закон што го усвои Собранието.