Купувањето недвижности во странство станува се повносен бизнис и за македонските граѓани. Се купуваат недвижности во соседството, најчесто во Грција, Албанија и во Туркије и тоа во областите поврзани со туризамот, каде што може да се летува, но и да се заработи од издавањето под закуп. Се купуваат станови , куќи, плацеви…
Покрај примамливите цени, кои се движат од 850 до 2.000 евра за квадратен метар, за зголемениот интерес кај нашите сограѓани да купуваат недвижности во странство „виновни“ се и бизнис можностите, но и поедноставните процедури за купување и издавање на овие имоти.
Дел од овие недвижности се огласени и во нашите агенции за недвижности.
Дончо Нацевски од од туристичката агенција „Арбо Травел“, која порано посредувал при купопродажба на имоти во Грција, вели дека интерес за купување во странство, посебно во Грција, има и тој од година в година расте.
– Најголем интерес на нашите сограѓани за недвижности во Грција има во приморскиот дел, на подрачјето околу Солун, на Халкидики и на потегот кон Кавала и Тасос, каде што и најчесто одат на летување, но и поради близината. Интересот расте од 2018 и 2019 година, кога Грција беше во криза и се продаваа имоти по ниски цени. Се купуваат станови и парцели на кои подоцна се градат хотели или други објекти – вели Нацевски.
Во овој дел од Грција цените на квадрат се движат од 850 до 1.700 евра.
– Цената на квадрат зависи од тоа каде се наоѓа објектот, колку е стар во каква состојба е и слично, но факт е дека веќе нема евтини недвижности во Грција. Оние што се поблиску до морето се поскапи, но сепак ги купуваат нашите граѓани, не само за да летуваат таму, туку и за заработување преку изнајмување во текот на годината – додава тој.
Според него, трендот на купување станови и во Албанија не е намален.
– Таму се купуваат луксузни недвижности кои достигаат и до 250.000 евра. Албанија во последниве години интензивно работи на промовирање не само на туризмот, туку и на градежништвото, па дури ги надминува сите околни туристички земји – објаснува Нацевски.
Нашите граѓани, велат познавачите на пазарот со недвижности, купуваат и во Туркије. Најпопуларни места за продажба на куќи и станови на странци во Туркије во изминатиот период беа одморалиштата Аланија и Анталија. Цените се движат од 1200 до 2.000 евра квадрат.
ПАЗАРОТ ВО ТУРКИЈЕ ВО ПОДЕМ, ЦЕНИТЕ И УСЛОВИТЕ – ОДЛИЧНИ!
Познавачите на тамошниот пазар велат дека во Туркије се повеќе инвестираат странци, бидејќи при купување на стан, на пример, се добива нов комплетно опремен простор, зградите имаат базени, сауни, фитнес центри ….
На пример, за околу 84.500 евра може да се најде стан од околу 100 квадратни метри во популарната населба Махмутлар.
Друга предност на Турција е што процедурите за даноци за престој и други дозволи се поповолни и поедноставни отколку во Грција.
За разлика од Грците, кои продаваат недвижности затоа што веќе не ги сакаат, во Турција тие се продаваат исклучиво заради бизнис.
Но, велат од агенциите за недвижности, се купуваат и станови и други недвижнини и во Србија и Бугарија како и Црна Гора.