ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи прогласување на енергетска кризна состојба и да го поддржи заемот од 100 милиони евра за ликвидност на ЕСМ се додека власта не каже каде ги потроши парите од минатата енергетско кризна состојба, изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
– Нашиот став е ДА за енергетската кризна состојба, но прво да видиме каде ги потрошија парите на граѓаните од минатата енергетско кризна состојба – рече Мицкоски.
Тој најави дека партијата нема да го поддржи и заемот од 100 милиони евра, бидејќи се сомнева во искрените намери на власта.
– Еве сега да речеме повторно ќе дојде во Парламентот закон со кој што вие граѓаните ќе се задолжите со 100 милиони евра. И они сега што сакаат да направат? Сакаат да прогласат енергетско кризна состојба, за да можат овие 100 милиони евра при оваа набавка на јаглен, на мазут, и на останато, да ги трошат во четири очи, да ги крадат – рече Мицкоски.
Според него, во целата ситуација има два парадокса.
– Првиот парадокс е го опљачкаа ЕЛЕМ, ЕЛЕМ кој што произведувал по 6 – 6,5 терават саати, сега произведува помалку од 3 терават саати и (вториот парадокс ) како награда добија нова компанија со нови управни, со нови надзорни одбори која што треба да го врши затоплувањето на Скопје. Овие „способниве“ што ја уништија ЕЛЕМ сега треба да им дадеме во рака нови 100-тина – 200 милиони евра, пари на граѓаните да ја доуништат новата компанија со нови управни, со нови надзорни одбори итн. Од прилика тоа е планот, и тоа е она кое што ни го нуди Владата, а нормално во јавноста пред граѓаните шири условно би рекол песимизам и позади завесата ги бројат провизиите од тендерите во четири очи. Тоа е суштината, а тоа ние нема да го дозволиме како ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција – рече Мицкоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ би поддржала мерки за стопанството.
– Ако треба мерки за поддршка на стопанството подготвени сме како мерки да ги поддржиме, но не и да дозволиме Владата да биде на начин на кој што ќе ги краде парите преку условно кажано енергетско кризна состојба – рече Мицкоски.