По девет дена дружба со туристите и мештаните во Трпејца синоќа беше затворено 11. Издание на културно – забавното лето„На зајдисонце“.
Честа да ја затвори манифестацијата му припадна на композиторот и хармоникашот д-р Гоце Џуклески. Тој заедно со пријателите – естрадниот уметник Мирко Вретовски и градскиот мешан хор Vox Lychnidos музички ја разубавија вечерта. Публиката слушна грст негови композиции кои се потпираат на чистата македонска музичка традиција.
Инаку, манифестацијата и годинава вообичаено донесе десеттина настани од областа на уметноста, поезијата, музиката, спортот и забавата.
-И покрај општата финансиска криза и вечниот недостиг на средства не се откажуваме.Благодарни сме на поддршката на општина Охрид и спонзорите.Ние како организатори сме среќни што успеавме да ги реализираме сите најавени програмски содржини. Се потрудивме да внесеме и две новини за комуникацијата и поврзаноста со гледачите да стане поблиска и поцврста. За среќа тие се покажаа како полн погодок и беа одлично прифатени. Ја воведовме трката со куфери по скалинадата – скалилата во Трпејца а го имавме и конкурсот за најдобра фотографија снимена со мобилен а инспирирана од природната убавина на Трпејца. Свесни сме дека над една деценија градиме локален културен бренд внимавајќи да не ја изгуби душата и спонтаноста, наспроти масовноста и комерцијализацијата, вели Милчо Јованоски од Здружението „За Трпејца со љубов“.
Во Трпејца на сцената под ведро небо беа отворени изложбата на канадскиот уметник со македонски корени Мајкал Клос и изложбата на дела од минатогодишната Уметничка колонија одржана во Трпејца. Гостуваа младите од охридскиот Црвен крст со поетско – музички перформанс, поетесите – хуманитарки Вера М Самарјанин и Марика Тапанџиева, придружувани од Драган Мијалковски и Живко Поповски – Цветин. Публиката го гледаше филмот „Мирно лето“ преку три презентации присутните се запознаа со богатството на Охридското Езеро, со новото време на роботите и минатото на Трпејца а предавачи беа д-р Орхидеја Тасевска,д-р Анис Сефиданис и Петар Симоноски. Публиката уживаше и во настапите на бендот „8balls“, дуото Black Moon“, Оркестарот и пејачката група на ФА „Ѓердан од бисери“, младите надежи Ива Чанова – флејта , Димитар Аслимоски и групата „Dancin Angels“.
Традиционално се одржаа и кајакарската регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање поддржани од асоцијацијата „Спорт за сите“ и Спортското друштво „Македонија“ од Швајцарија.