Во моментот кога британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, објаснуваше дека доколку Владимир Путин победи во Украина тој нема на тоа да застане, неочекувано во телевизиското студио се слушна силен тресок, по што емисијата во живо набргу беше прекината.
Лиз Трас учествуваше на ТВ дебата со главниот конкурент Риши Сунак, во пресрет на партиските избори за лидерската позиција во Конзервативната партија на Велика Британија. Една од темите на дебатата беше и односот кон војната во Украина, каде од февруари се одвиваат операциите на руската армија. И двајцата кандидати за премиерската функција изразија мошне цврст став контра политиката предводена од рускиот претседател.
Сепак, во еден момент се слушна тресок, а од лицето на Трас можеше да се претпостави дека се работи за ужасна глетка и таа за момент како да ја загуби присебноста и ладнокрвноста. Од телевизијата којашто го вршеше преносот, подоцна беше објавено дека водителката на дебатата се онесвестила и се струполила на сред емисија. Сепак, таа е добро и падот не оставил сериозни последици по нејзиното здравје.