Две жирафи Масаи ја видоа светлината на денот во националниот парк Најроби и нивното доаѓање во светот е ретко, изјави кенискиот министер за фауна, Наџиб Балала.
„Тоа е исклучително ретка појава“, напиша министерот на Твитер, каде што објави фотографија од мајка жирафа која ги чува своите мали младенчиња со долг врат.
Жирафите припаѓаат на „ранливата“ категорија на животни според Светската листа на загрозени видови од 2016 година на Меѓународната унија за зачувување на природата. Во тој документ, меѓу другото, се наведува дека зголемувањето на човечката популација, нелегалниот лов и ширењето на земјоделството и рударството се фактори кои го „туркаат овој животински вид кон исчезнување“.
Според Фондацијата за заштита на жирафите, во дивината останале само околу 117.000 жирафи. Според податоците на таа невладина организација, бројот на жирафи во Африка во последните 30 години е намален за 30 отсто.
Кенија е дом на три подвидови на жирафи – Масаи, мрежести и Ротшилдови жирафи.
По 15 месеци од бременоста, женските жирафи ги раѓаат своите младенчиња стоејќи така што новородените жирафи паѓаат на земја од нешто помалку од два метри височина. Младенчињата сами стануваат по помалку од еден час. Жирафите во дивината можат да живеат до 25 години, додека во заробеништво нивната долговечност може да трае до 35 години.