Ден откако македонската Кошаркарска федерација (КФСМ) спогодбено ја прекина соработката со српскиот стратег Драган Бајиќ за негов наследник на селекторското столче е назначен 41-годишниот Александар Јончевски.
Новиот македонски кошаркарски селектор долги години е дел од стручниот штаб на репрезентацијата, првично како асистент на Марјан Лазовски во квалификациите за Олимписките Игри што се одржаа во Венецуела, а потоа му помагаше и на Марјан Србиноски на Евробаскетот во 2015 во Хрватска. Претходно беше и во тимот на соработници на селекторот Јорданчо Давитков.
– Во работата со нашата најдобра селекција на Јончевски ќе му помагаат Никола Василев, актуелен селектор на машката селекција „под 20“ години, Никола Велев, кој е асистент-тренер во машката селекцијата „под 18“ години, како и Сашо Пецев, кој ќе биде задолжен за кондициската подготовка – соопшти КФСМ.
Првиот предизвик новиот селектор и неговите соработници ќе го имаат веќе кон крајот на август, на стартот на вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот во 2025 година.
Македонските кошаркари и гостуваат на Данска на 25. август, а три денови подоцна во Скопје ќе бидат домаќини на Словачка.