Претседателот на македонското друштво „Сонце“, Васил Стерјовски и потпретседателот на македонското друштво „Мост“ Едмонд Османи, денеска од посебната собраниска комисија „За административно-територијална реформа во Република Албанија“ побараа формирање посебни општини Голо Брдо и Гора, што е барање на жителите уште при донесувањето на законот во 2014 година.
Исто така во име на Македонците од Мала Преспа, Стерјовски побара општина Пустец, која е единствена македонска општина, според актуелната територијална поделба да се именува Преспа, бидејќи Пустец е само едно од деветте села. а исто така дури 90 отсто од територијата што ја зафаќа Националниот парк „Преспа“ е токму во ова област.
Тој искажа позитивна оценка за последните вложувања на албанската Влада во оваа општина, што се случува за првпат во последните три децении, со кои, како што рече, видно се подобруваат условите за живот и привлекување туристи.
По територијалната поделба во Република Албанија што се случи во 2014 година, Владата ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за да првите две ги приклучи кон општина Булќиза, а третата кон Либражд, како и општините Шиштавец, Топојан и Запот, во областа Гора, кои сега се потпаѓаат под општина Кукс.
– Македонците од областите Голо Брдо и Гора денеска се најмалку претставувани, зашто немаат ниту еден советник во општинските совети на Булќиза и Кукс, а на прсти може да се избројат оние кои се вработени во локалните самоуправи. Нема речиси никакви инвестиции па проблемите со недостиг на водовод, канализација, патишта, електрична енергија и понатаму се присутни – рече Стерјовски.
И тој и Османи, потсетија дека поради лошата патна инфраструктура жителите во споменатите области треба со часови да патуваат до општинските центри за каква било услуга, а во зимскиот период поради обилните снежни врнежи остануваат завеани со недели, згора на тоа и без електрична енергија.
– Можеби е единствен пример во светот, оној на жителите од административната единица Требиште, област Голо Брдо, кои, поради недостиг на асфалтни патишта, мораат да минат преку двата гранични премина со Македонија, за да стигнат до Булќиза за одредена услуга. Идентична е состојбата и со жителите на Борје и Шиштевец, област Гора, кои минуваат преку два премина со Косово, за да стигнат во Кукс – рече Стерјовски.
И тој и Османи, посочија дека поради непостоењето минимални услови за нормално живење голем број Македонци од овие области иселени се во Елбасан, Драч, Кукс, Тирана, како и надвор од земјата.
– Сите земји од западен Балкан кои се стремат да станат членки на ЕУ се обврзани да усвојат специфични стандарди за заштита на малцинствата. Територијалната поделба е од особено значење за македонската заедница и за сите граѓани на Албанија. Македонската заедница е мирољубива и лојална и на нашата земја (Албанија) и дала многу заслужни личности на многу полиња во општеството. Почитувањето на правта на малцинствата во една земја е многу значајно и исто така е потткнувачки фактор кој ја определува демократијата, мирот и стабилноста на таа земја – посочи Стерјовски.
Со законот за административно-територијална поделба усвоен од Парламентот во 2014 година, без присуство на опозициските демократи, бројот на општините од 385 се намали на 61, иако опозицијата тогаш бараше нивниот број да изнесува најмалку 80.
Неодамна албанскиот парламент формира посебна парламентарна комисија која треба да го разгледа барањето на опозицијата, за нова територијална поделбам која одржува средби со сите целни групи.