Среде сезоната на летни одмори, на германските аеродроми се трупа багаж кој поради недостиг на персонал не им е предаден на сопствениците, пренесуваат германските медиуми.
Според агенцијата ДПА, само на аеродромот во Минхен биле депонирани неколку илјади парчиња багаж кои биле изгубени на пат до нивните сопственици. Дури и на најголемиот германски аеродром во Франкфурт, бројот на куфери кои не им биле предадени на сопствениците достигна неколку илјади.
Покрај недостигот на персонал, управата на аеродромот во Франкфурт како една од причините ги наведува и големиот број доцнења на летовите. Луфтханза, за која како база служи аеродромот во Франкфурт, откажа дополнителни летови додека не се нормализира состојбата со насобраните куфери.
Аеродромот Дизелдорф, трет по големина во Германија, не може да го процени бројот на изгубени куфери во нивните магацини, па затоа се повикуваат на авиокомпании кои водат статистика за изгубениот багаж.
Слична е ситуацијата и со помалите аеродроми, како оние во Хамбург, Хановер или Штутгарт, кои работат на лимитот на своите капацитети.
Во меѓувреме, критиките за хаотичната ситуација на германските аеродроми, каде што треба да чекате со часови за да го предадете багажот и за безбедносни проверки, делумно беа упатени кон сојузната влада од авиокомпаниите и од управата на аеродромите.
„Ситуацијата на нашите аеродроми беше предвидлива одамна. Зошто на владата и требаат пет недели да издаде посебни дозволи за увоз на работници од Турција“, праша портпаролката на опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ Ања Карличек.
Таа вели дека надлежните министерства со недели ги игнорирале предупредувањата на туристичката индустрија и синдикатите за авиосообраќај.
Министерот за транспорт Фолкер Фисинг ги отфрли критиките и рече дека владата во рок од неколку дена одговорила на барањата на туристичките организации за издавање привремени дозволи за увоз на работници од Турција, со што ќе се ублажи драстичниот недостаток на работна сила на германските аеродроми.