Велика Британија денеска експресно воведе санкции за пет руски банки и за три лица, соопшти премиерот Борис Џонсон. Тој во говорот пред пратениците во Долниот дом на парламентот додаде дека ова е само првиот пакет санкции и оти тие ќе бидат проширени доколку ситуацијата ескалира.
Станува збор за банките „Росија“, „ИС Банка“, „Генерал банка“, „Промсвјазбанк“ и „Црноморска банка“, како и санкции против Генадиј Тимченко, Борис Ротенберг и Игор Ротенберг, што важат за многу богати Руси, блиски до претседателот Путин.
– Целиот имот што го поседуваат во Обединетото Кралство ќе биде замрзнат, а на засегнатите лица ќе им биде забрането да патуваат овде и ќе им забраниме на сите британски поединци и ентитети да имаат каква било работа со нив. Ова е првата транша, првиот бараж од она што сме подготвени да го направиме – рече Џонсон.
Кризата во Украина од синоќа го достигна својот пик, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша Указот за признавање на независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луганск, а потоа војската ја испрати во овие територии „за да се обезбеди мир“.