Со оваа формулација во рамката, стравовите за јазикот се неосновани. Сега прв пат имаме шанса да го затвориме тоа прашање. Граѓаните имаат право на протести, на критики и на политички активности, но целиот овој анти-наратив е заснован на неточни, погрешни толкувања на францускиот пакет, рече вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во гостувањето на ТВ Сител, Османи подвлече дека нема никаква бугаризација, ниту наметнување, а нашите учебници не може никој да ги смени. Таквите шпекулации, оцени тој, се страшила што се користат за некој да добие политички поени и никако не се во интерес на граѓаните.
Во оваа фаза, потенцира Османи, нема почиста формулација за јазикот отколку што има во рамката предложена од француското претседателство. Рамката нема врска со Протоколот, а Протоколот ќе биде објавен, како што рече шефот на дипломатијата, пред неговата средба со бугарската министерка Теодора Генчовска.
Според Османи, логиката да останеме блокирани за да не нѐ блокира Бугарија во иднина, е ирационален пристап.
– Сите шпекулации во јавноста за предлогот се неосновани, луѓето се вознемируваат непотребно, јазикот е чист, историските прашања не се одредници за прогрес во процесот, има „фул“ почеток на преговори веднаш откако ќе дадеме пас за овој процес. Нема бугаризација, нема наметнување, никој не може да смени наши книги и споменици. Тоа се страшила што се користат за некој да добие политички поени и никако не се во интерес на граѓаните. Интересот на граѓаните е сега да се придвижиме кон ЕУ и да ги зајакнеме демократските институции. Да го почнеме процесот, а во текот на преговорите ќе ги надминеме сите разлики – потенцира Османи.Тој објасни и дека унилатералните изјави немаат никакво правно значење, туку се само за домашна употреба.
– Бугарија, иако ќе каже нешто за својата јавност, ќе гласа за рамка во која македонскиот јазик е чист. И ние сега се обидуваме да се фатиме во нешто што е тотално неважно во услови кога првпат во нашата историја имаме ваков документ и предлог што го прифаќа Бугарија. Цело време бугарската позиција беше дека нема шанси во рамката да стои македонски јазик. Се бараше да стои „официјален јазик“ на Северна Македонија. Потоа имаше и други опции, за сега, ова решение да биде апсолутно чисто. Сами да ја напишевме рамката, не можевме поинаку да напишеме за јазикот. Тоа се формулациите – рече Османи.
Во однос на собраниската седница закажана за четврток, на чиј дневен ред ќе биде францускиот предлог, Османи истакна дека најважни ќе бидат заклучоците, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.
– Најважни ќе бидат заклучоците на Собранието во кои ќе се даде јасен мандат на Владата што може, а што не во текот на преговарачкиот процес. Имам некои информации за какви заклучоци разговараат пратеничките групи. Мислам дека заклучоците ќе имаат важна тежина за да дадат насока – рече министерот.
Османи во гостувањето порача и дека мора да ставиме крај на циклусот на омраза во кој сме влезени со Бугарија.