Неполн месец по последниот топлотен бран, живата во термометарот во понеделникот повторно се искачи на невообичаено високо ниво на Пиринејскиот Полуостров, каде се измерени 43 степени Целзиусови и на југот на Франција. Во Португалија измерени 44 степени.
Сè почестата појава на топлотни бранови е директна последица на климатските промени, велат научниците, бидејќи се зголемува јачината, времетраењето и зачестеноста на емисиите на стакленички гасови.
Во Шпанија највисока температура, 43,3 степени е измерена во Канделеда, во централниот дел, соопшти шпанската метеоролошка служба Аемет. Во другите градови на југот и во централниот дел, како Севиља и Бадахоз, измерени се 42 степени.
Овој нов топлотен бран, втор во еден месец по оној во средината на јуни, е „сосема необичен“ во земја каде што високите температури во лето не се невообичаени, изјави во понеделникот Рубен дел Кампо, портпарол на Аемет.
Топлотниот бран започна во неделата и може да „трае од девет до 10 дена, така што може да биде трет најдолг топлотен бран во Шпанија од 1975 година“, изјави тој за Франс прес.
„Климатските промени се причина за почести и посилни топлотни бранови“, додаде Дел Кампо, потсетувајќи дека нивниот број е двојно зголемен во земјата во последните дванаесет години.
Најлошото ќе биде помеѓу вторник и четврток, предупредува Аемет, кој не можеше да каже дали ќе биде соборен апсолутниот температурен рекорд забележан во Шпанија (47,4 степени измерени во Монтор, во близина на Кордоба, во август 2021 година).
Во соседна Португалија за време на викендот температурата на некои места се искачи до 44 степени. Иако во понеделник температурата беше нешто пониска, сепак во околината на Евора на југоисток се очекуваат 42 степени, соопшти националната метеоролошка служба која најавува нов пораст на температурата во вторник и среда.
Ваквите горештини деновиве предизвикаа пожари во центарот на државата.
Во понеделник топлотниот бран ја зафати и Франција од југозапад, објави Метео-Франс. Температурите на добар дел од француската територија надминаа 30 Целзиусови степени, а од вторник на места може да достигнат и 39.
Врвот на овој бран најверојатно ќе биде „помеѓу сабота и вторник“ на 19 јули, додава Себастиен Леас од Метео-Франција, посочувајќи дека е премногу рано да се споредува овој феномен со смртоносната топлина од летото 2003 година.
Во Велика Британија, каде во понеделник и вторник на југозапад се очекуваат 33 степени Целзиусови, Националната метеоролошка служба издаде т.н. портокалово предупредување за „екстремни горештини“ од недела, со температури повисоки од 35 степени.