Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и политика, Жозеп Борел, во својата порака по повод 27-годишнината од геноцидот во Сребреница рече дека Европа ја споделува болката со жртвите и нивните семејства и дека нивната борба заслужува само восхит и почит.
„Наша заедничка должност е да се сеќаваме на жртвите на геноцидот извршен во Сребреница – едно од најтемните поглавја во историјата на модерна Европа. Ја споделуваме болката и во нашите срца ја чуваме храброста и силата на оние што преживеаја“, нагласи Борел во своето видео обраќање за време на комеморацијата во Меморијалниот центар Поточари.
„Мајките на Сребреница како инспирација“
Мирот никогаш не смее да се зема здраво за готово, додаде тој и подвлече – мора да учиме од минатото.
„Нема место за негирање на геноцидот, ревизионизмот и глорификацијата на воените злосторници. Мајките на Сребреница можат да ни послужат како инспирација, нивната потрага по вистината додека ги бараат своите најблиски стана симбол на достоинството. Нивната желба да видат иднина за новите генерации која ќе се заснова на покајание и простување – го заслужува нашето восхитување и почит“, рече Борел.
Тој додаде дека, додека ја чува Сребреница во своето срце, Европската унија цврсто стои зад БиХ и Западен Балкан.
ЕУ сака да ја види Босна и Херцеговина како дел од неа, посочи Борел, велејќи дека последниот напор за тоа е оставен на локалните лидери.