Јасно е дека дискусијата дали да се продолжи со овој ревидиран француски предлог или не е во рацете на оваа земја. Не е на ЕУ, не е на Претседателството, ниту на друга земја членка на ЕУ, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на форумот „Западен Балкан и ЕУ во 2022: што претстои“.
Според него, тоа не значи дека земјата треба да прифати секаков предлог или францускиот ревидиран предлог.
– Земјата треба да одлучи, но тоа е фактор во изборот и тој избор да се направи смирено и со дискусија. Предлогот е секако компромис, многу чувме за тој компромис, некои оценки се фер, некои далеку од вистината – изјави Гир.
Тој вели дека јавната дебата е тешка и емотивна и оценува дека е направена штета што досега се доцни во унапредувањето на пристапниот процес.
– Забелешките што сакам да ги дадам не се наменети да извршат притисок или да залажуваат или да направат нешто друго освен да се обидам да дадам појаснување бидејќи јавната дебата е многу тешка и стана многу поларизирана што очигледно е за жалење. Оваа дискусија треба да ја започнеме од страна на ЕУ, исто така, признавајќи одредени пропусти. Направена е штета без сомнение поради доцнењата во унапредувањето на пристапниот процес. По Преспа беше големото достигнување да се влезе како членка на НАТО – рече Гир посочувајќи дека земјата постигнала голем напредок, но ЕУ не дала отворање на преговорите и тоа довело до фрустрација и недоверба во јавноста во целиот процес.