Граѓани кои не се согласуваат со францускиот предлог, попладнево го блокираа булеварот пред седиштето на Владата на Република Македонија.
Блокирани беа и магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.
Блокадите се одржуваат денес, а за в недела е најавен нов протест под мотото „Ултиматиум, не благодарам“. Протести во Скопје се одржаа и изминатите шест дена, дел од нив поминаа со инциденти. Протестите се поддржани од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Од Министертвото за внатрешни работи потсетија на правата и на должностите демонстрантите, кои ги предвидува Законот за јавните собири.
– Согласно, член 2-а од Законот: „Јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен: до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош и го нарушува мирот на болните, до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив и на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај“. Во членот 4 од истиот закон стои: „Заради заштита на правата на граѓаните, нормалното одвивање на сообраќајот, снабдувањето на населението со лекови, храна, гориво и слични неодложни потреби, како и заради почитување на обврските од меѓународни договори, организаторот на јавниот собир е должен да го обезбеди одржувањето на редот на јавниот собир и да организира редарска служба – информираат од МВР.