More

    На францускиот предлог не му бега референдум?

    spot_img

    „Дали сте за прифаќање на францускиот предлог со цел членство на земјава во ЕУ?“ Вака, ако одиме по теркот на формулацијата на прашањето од претходниот референдум за промена на државното име („Дали сте за промена на државното име со цел членство на земјата во ЕУ и во НАТО?“), отприлика би звучело референдумското прашање доколку сега падне одлука за изјаснување на граѓаните во врска со прифаќањето или одбивањето на предлогот од Франција.

    Но, дали воопшто постои можност и колкави се шансите во блиска иднина во Македонија да се спроведе нов референдум, кој ќе ги прибере илјадниците граѓани од улиците и ќе им даде можност својот револт против францускиот предлог да го канализираат на најдемократски начин?

    Политичките експерти со коишто разговараше Плусинфо се со поделени мислења. Едни сметаат дека спроведување референдум за прифаќање или одбивање на францускиот предлог е единственото најпаметно решение. Други, пак, предупредуваат дека спроведувањето референдум ќе ни одземе многу време, а крајниот резултат од целата операција, велат тие, можеби и нема да биде најточен.

    Закачени на клинец

    Како мисли власта да изгради доверба со граѓаните ако не им дава можност самите да се изјаснат за најкрупните политички прашања од коишто зависи иднината на државата? Ова прашање го постави поранешниот собраниски спикер Тито Петковски, кој во изјава за Плусинфо вели дека местото на францускиот предлог му е на референдум.

    Идејата за одржување референдум во овој момент не ми е далечна, ама само се плашам од манипулативниот пристап од страна на најголемите политички партии во земјава

    Тито ПетковскиПоранешен претседател на Собранието

    – Граѓаните се затечени, а ако сѐ правиме во името на граѓаните, тогаш едно од најкрупните политички прашања не смее на мала врата да го решава Владата. И ако го решава Владата, тогаш треба да најде модел за тоа како најдобро да го исконсултира народот. А властите, пак, ем не ги покажуваат документите, ем бараат доверба од граѓаните. Како мислите да изградите доверба кај граѓаните ако не ги консултирате за најкрупните политички прашања? А мене ме мачи и уште едно прашање: зошто толку брзаме? Француското претседавање со ЕУ истече, сега започна чешкото претседавање, па не сметам дека има потреба од брзање. Што сме изгубиле ние? Цели 30 години чекавме, а тие од нас бараат за 30 минути да одлучиме. Мислам дека апсолутно недостоинствено е за државата така некој да се однесува со нас. Не сме ние закачени на клинец, па некој од надвор да доаѓа и да нѐ откачува и да нѐ закачува кога и да му текне – објаснува Петковски.

    Референдумот, додава тој, е подолга постапка и потребно ќе биде време за подготовка на целата операција.

    – Референдумот ќе го преслика расположението помеѓу политичките партии во Македонија. А политичките партии апсолутно манипулираат со граѓаните. Но, подобро е тоа, отколку да се оди на нешто крајно неизвесно. А референдумот е врвен демократски чин. Иако и таа операција може да се фингира и да се штелува. Тоа ние многу добро го забележавме со референдумот за промена на државното име. Сѐ може да се очекува, па јас не би можел да бидам сигурен дека за македонски прилики референдумот може да биде идеалното решение. Во Словенија или во Швајцарија, на пример, на секои три месеци се одржува референдум за разни прашања, но народот таму има демократска свест. Како и да е, референдумот е апсолутно најоправдан чин за прашање од државен и од животен интерес. Идејата за одржување референдум во овој момент не ми е далечна, ама само се плашам од манипулативниот пристап од најголемите политички партии во земјава – вели Петковски.

    Имаме време

    Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој уште минатата недела изјави дека најпаметно решение е самите граѓани преку референдум да одлучуваат за францускиот предлог, вели дека сѐ уште стои на истиот став и покрај тоа што во меѓувреме работните групи на политичките партии започнаа да го чешлаат предлогот.

    Одржувањето референдум за ова прашање би ни одзело доста време, ама ние 30 години чекаме и стоиме во место, па сметам дека би можеле да издржиме неколку месеци

    Павле ТрајановЛидер на Демократски сојуз

    – Ние како партија баравме да се отвори широка расправа и да бидат вклучени сите политички чинители во земјава. Тоа значи сите материјали да бидат јавно достапни, вклучително и Протоколот којшто наводно е во подготовка, а потоа расправата да се води во Собранието. Ако Парламентот не сака да учествува или го одбие францускиот предлог, тогаш, вака како што е поставен, предлогот треба да оди на референдум и таму ќе му пресудат граѓаните. Ако францускиот предлог добие поддршка од граѓаните, тогаш тука нема што да се прави. А ако мнозинството гласа „против“ францускиот предлог, тогаш Владата ќе мора дополнително да преговара со ЕУ. Одржувањето референдум за ова прашање би ни одзело доста време, ама ние 30 години чекаме и стоиме во место, па сметам дека би можеле да издржиме неколку месеци. Сепак, тешко ќе се донесе одлука за спроведување референдум. Прво, потребна е таква одлука од Парламентот, а за тоа не знам дали ќе има консензус. Сега целата борба е преку консензус да се усвојат заедничките заклучоци. Па, ако се усвојат, тогаш воопшто нема да има потреба да се оди на референдум – објасни Трајанов за Плусинфо.

    Без трик-прашања

    Само референдум е демократскиот инструмент што е врв на демократијата и посилен од сите државни институции, вели универзитетскиот професор по филозофија, Ферид Мухиќ, во разговор за Нова Македонија.

    – Станува збор за договор со ЕУ што е обврзувачки и голема, всушност историска, е одговорноста за давање македонска согласност за него. Одолжувањето со неговото (не)објавување од страна на Владата создава сомнежи во јавноста, особено по информациите што доаѓаат од странски медиуми и изјави дека овој, наводно, модифициран предлог на преговарачката рамка, всушност, е идентичен со оној прифатен од бугарското собрание, а првично одбиен од македонскиот премиер. Ако навистина станува збор за ист документ со неколку промени во интерпретацијата, тогаш и тој требало да биде одбиен од Владата. Кога Владата веќе ја „голтнала јадицата“ на ЕУ, сега останува тој предлог да се стави на плебисцитарно разгледување и одлучување – вели Мухиќ.

    Ферид Мухиќ: Референдумот не смее да биде изманипулиран со трик-прашања, ниту резултатот на биде игнориран во понатамошните процедури за негово прифаќање или отфрлање

    Претходно, посочува тој, предлогот во целост треба да ѝ биде достапен на јавноста и да се овозможи дискусија во јавноста на сите нивоа.

    – Кога работите со предлогот на преговарачката рамка за ЕУ се дојдени до оваа фаза, при донесена Резолуција во парламентот, Владата не може да донесе одлука за нејзино прифаќање. Само непосредното изјаснување на граѓаните е демократски инструмент што е врвот на демократијата и најсилна алатка. Но при евентуалното плебисцитарно изјаснување, референдумот не смее да биде изманипулиран со трик-прашања, ниту резултатот на биде игнориран во понатамошните процедури за негово прифаќање или отфрлање. Инаку, целата претстава со ветата и наводно усогласување на македонската преговарачка рамка е „евтин трик“ на ЕУ и Бугарија, со кој сакаат одговорноста да ја префрлат на Македонија – објаснува Мухиќ.

    Макотрпен и долг процес

    Референдум за францускиот предлог би бил макотрпен и долг процес, но не треба се исклучи како решение, изјави директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска.

    Кацарска: Референдумот би бил многу тежок да се организира. Би било тешко да им се објасни на граѓаните, тоа се многу комплексни прашања

    – Не беше најавен референдум од страна на Владата. Меѓутоа, многу треба да бидеме внимателни како би се поставило референдумското прашање, како би одела подготовката за таа дискусија, бидејќи имаме едно искуство и од референдумот со Преспа што не мислам дека е најопортуното во однос на начин на којшто се претставуваше европската интеграција. Веројатно најважното нешто што и ние би требало дома да го сфатиме е дека европската интеграција и дискусиите се случуваат дома, не е надворешна политика и ова мислам дека го гледаме сега сѐ повеќе, го учиме на тешкиот начин – вели директорката на ЕПИ.

    Нашиот пример, додава Кацарска, покажува дека иако знаеме оти во Европската Унија нема гаранции, сепак ние мора да работиме на тоа и со земјите членки.

    – Барем доколку се одлучат, значи кое било решение да се оди напред дека ова не би било откажување од европската перспектива, ниту пак прифаќање на европската интеграција како лек за сѐ. Бидејќи реалноста е некаде помеѓу тие две крајности. Референдумот би бил многу тежок да се организира. Би било тешко да им се објасни на граѓаните, тоа се многу комплексни прашања. Мислам дека ќе биде многу тешко и ќе биде макотрпен и долготраен процес, меѓутоа ќе речам, не треба да го заобиколиме кое било решение со оглед на поларизираноста што ја имаме – нагласи Кацарска.

    Не ни треба реприза

    Политикологот Димитар Христов во разговор за Плусинфо вели дека на Македонија не ѝ е потребна реприза од претходниот референдум на којшто се одлучуваше за промената на името на државата.

    Димитар ХристовПолитиколог

    Како прво, кој ни гарантира дека нема да се обидат да го фалсификуваат референдумот? Второ, кој ни гарантира дека крајните резултати ќе бидат точни?

    – Не ни треба реприза од претходниот референдум. Нема зошто сега ние воопшто да одиме на референдум и да гласаме за нешто што е крајно понижувачки за македонскиот народ. Македонската влада треба веднаш да го одбие францускиот предлог и така треба да заврши целата приказна. Разочарувањето е преголемо. Оти, ако одиме на референдум, ние практично на тој начин ќе си привлечеме нови проблеми и нови главоболки. Како прво, кој ни гарантира дека нема да се обидат да го фалсификуваат референдумот? Второ, кој ни гарантира дека крајните резултати ќе бидат точни? Трето, некои со сигурност ќе излезат да бојкотираат. Па по објавувањето на резултатите ќе се отвори дебата дали референдумот е успешен или не е успешен, оти некои политички партии ќе ги прифатат резултатите, а некои нема да ги прифатат. Значи, нѐ очекуваат милиони глупости – вели Христов.

    Единственото решение, според нашиот соговорник, е Владата целосно да го отфрли францускиот предлог.

    – Ајде малку да се насочиме кон домашните работи. Малку да си ги средиме домашните проблеми како што е справувањето со инфлацијата, обидот за задржување на младите да не бегаат во странство, справувањето со невработреноста, реформите во судството… Па здравје, за некои 5, 8 или 10 години, повторно да го започнеме процесот за членство во ЕУ. И не дека нешто со сигурност ќе се смени на подобро, ама овој француски предлог е навистина многу лош. Со прифаќањето на овој предлог самите на себеси си велиме дека повеќе не постоиме – објаснува Христов.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img