Ќе се формираат работни групи помеѓу политичките партии кои ќе работат на предлог забелешки на преговарачката рамка која е предложена, брифираат од ВМРО ДПМНЕ.
Согласно тоа што го дознаваме, во работните групи ќе бидат по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, по еден од ДУИ и од Алијанса и уште еден од помалите парламентарни политички партии. Првата средба се очекува да се одржи утре.
Од ВМРО -ДПМНЕ посочуваат дека ваквиот процес доаѓа по повикот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој побара да се разговара за измени кои предлогот ќе го подобрат и да се вметнат забелешките во текстот, кој во предложената форма, споре опозициската партија, е на штета на државните и националните интереси.
Позициите на ВМРО-ДПМНЕ и забелешките кои ќе бидат дадени ќе ги одразуваат позициите кои Мицкоски ги соопшти по средбата со премиерот Димитар Ковачевски.
– Да се избришат членот 11 и членот 14 од Протоколот, а потоа во преговарачката рамка каде имаме принципи врз кои се водат преговорите да ги избришат членовите каде се годишните прегледи и делот каде се повикуваат на протоколот на првата меѓувладина конфенреција. Нека ги избришат ако ова обезбедува европска иднина, еве нека ги тргнат овие четири точки. Нека останат Копенхагеншките критериуми како за сите земји – рече Мицкоски.
Инаку во меѓувреме од СДСМ беше демантирано дека е направен договор за меѓупартиски работни групи.
Утре е договорена средба на координаторите на пратеничките групи и други претставници на парламентарните партии на којшто на дневен ред е дискусија во однос на заклучоците коишто треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието. Овие разговори не се поврзани со содржината на преговарачката рамка. Потсетуваме, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ веќе одамна јавно одбија учество во работните групи иако им беше понудено, се вели во брифингот од СДСМ.