Напаѓачот на Реал Мадрид и на српската фудбалска репрезентација, Лука Јовиќ доби дозвола од својот клуб за слободен трансфер во Фиорентина, иако има уште три години од договорот со „кралскиот клуб“, објави италијански Скај.
Во 2019 година Реал на Ајнтрахт му плати 63 милиони евра обештетување за 24-годишниот напаѓач, но Јовиќ одигра само 51 натпревар во дресот на „кралскиот клуб“ и постигна само три гола.
Јовиќ мина една полусезона (2021) на позајмица во Ајнтрахт, но и по враќањето во Мадрид не го најде своето постојано место во составот. Минатата сезона настапи на 19 натпревари во сите натпреварувања, одигра 549 минути и постигна еден гол.
Српскиот репрезентативец во сабота би требало да мине на лекарски преглед во Фиренца и потоа да потпише двегодишен договор со можност за продолжување на уште две години. Според договорот меѓу клубовите, Реал би имал право на 50% од обештетувањето во случај Фиорентина да реши да го продаде Јовиќ на друга екипа.