More

    Ќе имаме ли доволно електрична енергија?

    spot_img

    Дали ЕСМ ќе успее да ги произведе потребните количини на струја за домаќинствата и малите бизниси и да ги покрие загубите во преносот и дистрибуцијата до крајот на годината?

    Ова прашање стана актуелно откако вчера претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, соопшти дека при одлуката да им се намалат приходите на Електродистрибуција и МЕПСО се воделе од ветувањето на ЕСМ и владата дека потребите ќе бидат задоволени со 100 отсто домашно производство.

    ЕСМ вчера соопшти дека ќе го зголеми производството за да одговори на барањата се со цел да нема поголемо покачување на цената на струјата за домаќинствата.

    Управниот и надзорниот одбор на компанијата вчера ги разгледувале: динамиката на ископ на јаглен во сопствените рудници, можностите за нејзино интензивирање, постапките за набавка на јаглен и мазут, набавката на гас, движењето на цените и достапноста на енергенсите на регионалниот пазар, како и можностите за оптимизирање на потрошувачката и заштеда на средства. Но, од компанијата не кажаа каква е фактичката состојба и за колкав процент ќе го зголемат производството.

    Експертите велат дека со последната одлука на владата за понуда на неекономска цена на производство свесно се доведува во загуба оваа производна компанија, а нејзините капацитети до технолошко истоштување. Според нив, тешко ќе се произведат очекуваните количини струја, со оглед на состојбата на производните капацитети, честите хаварии и ненавременото обезбедување на јаглен, мазут и природен гас.

    Владата најави дека ќе се користат сите расположливи капацитети за производство за да се одговори на потребите на домаќинствата, а во услови на криза не треба да се размислува за енергетските компании кои учествуваат во формирањето на цената на струјата.

    „Државната политика е поставена да се грижи за граѓаните, а не за профит во време на енергетска криза. Наместо ЕСМ да го продава овој вишок на електрична енергија и да книжи профит, ќе биде насочен кон домаќинствата. Ангажирани се сите енергетски капацитети на максимум. Владата и институциите во услови на светска енергетска криза ја нагласуваат неопходноста од рационално користење електрична енергија и штедење. Мерките на Владата за граѓаните во услови на најголема криза, продолжуваат“, соопшти денеска Владата.

    Владата се пофали и дека со ниската цена на струјата ги поддржала сите домаќинства во земјава.

    „Поддршката на Владата кон ЕСМ да обезбеди цена од 48 евра за мегават час за универзалниот снабдувач за 100% задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, овозможи цената на струјата за домаќинствата да не се покачи за 145%, а тоа значи поддршка за секое домаќинство во просек по 3.500 денари на месечно ниво, односно 42.000 денари на годишно ниво“, соопштија од владата.

    Но, каква е реалната слика на производните капацитети на електрична енергија кога ЕСМ нуди 100 отсто производство од домашни капацитети?

    Експертите велат дека ЕСМ не понуди економска туку политичка цена на струјата која ќе ја продава на ЕВН Хоме. Со тоа, велат, свесно се уништува ЕСМ.

    – Според она што го имам како сознание цената на струјата од термоцентралите не може да биде 48 евра колку што е пријавено, без субвенции од државата. Политика е на државата да направи скалесто плаќање. Тоа не е економика, туку социјална политика, што не значи дека е лошо. Овде се работи да ги заштитиме домаќинствата, да им се помогне, но стопанството е пуштено низ вода. Второ, со депресирани цени, ние го уништуваме Електростопанство – изјави за Телма професорот Константин Димитров.

    И директорот на ЕСМ Васко Ковачевски е свесен дека ЕСМ не понуди пазарна цена на струјата што ќе се одрази на натамошното работење на компанијата, но се надева на помош од владата.

    Ако АД ЕСМ ја продаваше електричната енергија за граѓаните по пазарна цена, поскапувањето ќе беше 150 отсто. Треба да заземат став: дали ЕСМ треба да работи пазарно и да ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме по пазарна цена, значи по 300 e/MWh, и во 2022 да има профит од 190 милиони евра, а поскапувањето за граѓаните да биде 150 отсто, или треба да ја продава по 48 e/MWh, поскапувањето да биде минимално, 7-8 отсто, а државата да му помогне на ЕСМ со прераспределба на средства од буџетот да може да ги покрие трошоците за работа? – изјави денеска директорот на ЕСМ, Ковачевски.

    Спиро Мавровски, поранешен раководител во РЕК Битола, вели дека многу тешко ќе може ЕСМ да ги произведе потребните количини електрична енергија посебно во зимскиот период кога домаќинствата користат електрична енергија за греење.

    – Да, би можело да се произведат 100 отсто на потребните количини електрична енергија, ако се увезат потребните количини јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и мазут за ТЕЦ Неготино, а за тоа се потребни пари и тоа повторно од народот, бидејќи ќе се трошат од државниот буџет. Тендерите за ова досега би требало да бидат завршени, а количините складирани, што не е направено, барем немам таква информација. Но при тоа треба да се има предвид дека овие капацитети треба да работат со целокупната сила, без хаварии и застои што според она што реално го имаме не е можно. Енергетските капацитети се стари и многу се чести хавариите посебно во РЕК Битола. Сетете се како беше изминатата зима која имаше хаварија на трафостаницата. Таа и сега не е поправена. Според тоа, многу е тешко во овој капацитет да работат трите блока, а овој капацитет е главен производител на струја во земјава. На хидроелектраните поради климатските промени не може да се смета многу, а од другите обновливи извори на енергија производството е многу мало, а за ТЕЦ Неготино треба да се обезбеди мазутот, што мислам не е досега направено. Што значи дека треба да се обезбедат идеални услови па да се смета на тоа производство – вели Мавровски.

    Според него, посебен проблем е набавката на јаглен и како и кога тој ќе стигне во РЕК Битола, бидејќи домашното производство не е доволно да ги задоволи потребите на производството.

    – Ние заборавивме на рудникот Живојно кој веќе требаше да проработи, но не е чепнато таму ништо. Таму лежат 100 милиони тони јаглен, а ние увезуваме јаглен со нестандарден квалитет. Подобар или полош од нашиот и затоа треба да увеземе и повеќе мазут зашто е потребен за породување на процесот на согорување на јагленот. Прашање е и како тој јаглен ќе стигне во Битола кога сообраќајниците ни се за никаде. Патот кај Плетвар не може да издржи патнички возила, а не камиони товарени со јаглен. Прашање е и дали ќе може да се набави и по која цена во следниот период. истото се однесува и за потребните количини мазут и природен гас кои имаат дневно променливи цени и зависат од акутелните случувања во светот на енергетски палн  – вели Мавровски.

    Според неговите пресметки, за дневна работа на еден блок во оваа термоелектрана се потребни 6.000 до 7.000 тони јаглен, а за активирање работа на трите блока годишно се потребни 6 милиони тони јаглен, но вели „резерви никој не може да види во РЕК Битола“.

    Ако се погледаат статистичките податоци за едногодишното производството потребите на струја во април годинава евидентно е зголемувањето на производството, но се намалила потрошувачката на струја. Во април годинава споредено со април лани производството е зголемено за 34, 9 отсто. Притоа производството на термоелектраните е зголемено за 24,2 отсто, а на хидроелектраните за 59,6 отсто. Термоелектраните произвеле бруто 268 427 мегават час (нето 239 958 мегават часови), а хидроелектраните 173 045 мегават час бруто или нето 172 484 мегават час. Вкупното бруто производство е 459 910 мегават час. Во април годинава финалната потрошувачката на струја изнесувала 523 033 мегават час од кои половината е потрошувачката на домаќинствата.

    Податоците покажуваат дека бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 73,7 отсто во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 97,4 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

    Во април годинава производството на јаглен (главно лигнит) кој е главниот енергенс кој се употребува за производство на струја изнесува 472. 936 илјади тони. Во овој месец се увезени само 52.122 илјади тони лигнит  Во април се искористени и 3.951 тон мазут и 7 илјади нормални кубни метри природен гас.

    Бројките за зимскиот период излгедаат многу поинакви.

    Во јануари годинава, според податоците на Државниот завод за статистика, бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 69.8 отсто во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 98.2 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

    Вкупно бруто-производство изнесуваше 579.119 мегават часа  финалната потрошувачка 646. 471 мегавати.Домаќинствата потрошиле 403.897 мегавати

    Во производството на струја се употребени  488. 744 илјади  тони лингит 21.354 тон мазут и 22. 944 илјади нрмални кубни метри природен гас.

    Примарно производство на гас во јануари изнесувало   464.813 илјади тони, а се увезени 22.410 илјади тони.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img