Рускиот претседател Владимир Путин сè уште сака да го окупира поголемиот дел од Украина, но неговите сили се толку исцрпени од борбите што веројатно ќе можат само постепено да напредуваат во блиска иднина, изјави вчера шефицата на американските разузнавачки служби Аврил Хејнс.
Директорката на националното разузнавање, наведувајќи ја актуелната проценка на американското разузнавање за војната што трае повеќе од четири месеци, рече дека консензусот на американските разузнавачки агенции е дека таа ќе трае „долго време“.
– Накратко, сликата е сè уште прилично мрачна, а односот на Русија кон Западот станува сè поостар – рече Хејнс на конференција во Министерството за трговија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му кажа на американскиот претседател Џо Бајден и другите лидери на Г7 оваа недела дека сака војната да заврши до крајот на годината.
Но, коментарите на Хејнс сугерираат дека милијардите долари модерно оружје испорачано од САД и другите земји до украинските сили можеби нема да им дозволат да ја сменат ситуацијата во блиска иднина.
Таа оцени дека Путин сè уште има намера да го окупира поголемиот дел од Украина, иако украинските сили во февруари го отфрлија обидот на Русија да го заземе главниот град Киев, принудувајќи ја Москва да ја намали својата цел со заземање на целиот источен регион Донбас.
– Сметаме дека всушност ги има истите политички цели како порано, што значи дека сака да го окупира поголемиот дел од Украина – рече Хејнс.
Руските сили, сепак, се толку ослабени за повеќе од четири месеци борби што веројатно наскоро нема да можат да ја постигнат целта на Путин, рече Хејнс во својата прва јавна оценка за војната од мај.
– Забележуваме неповрзаност меѓу краткорочните воени цели на Путин во оваа област и можностите на неговата војска, еден вид неусогласеност меѓу неговите амбиции и она што војската може да го постигне – рече таа.
Хејнс рече дека американските разузнавачки агенции гледаат три можни сценарија, а најверојатното од нив е жесток конфликт во кој руските сили „остваруваат постепени придобивки, без пробив“.
Други сценарија се голем руски пробив или успешно украинско стабилизирање на бојното поле со помал напредок, можеби во близина на градот Херсон, под контрола на Русија и други области на јужна Украина.
На Русија ќе и требаат години да ги обнови своите сили, процени таа.
– Во меѓувреме, малку е веројатно дека руските трупи ќе можат да спроведат повеќе операции истовремено – продолжи таа.
Приоритет на Путин сега е освојувањето на регионот Донбас и колапсот на украинските сили, што, оценува Москва, „ќе предизвика слабеење на отпорот од внатре“, заклучувае Хејнс.