САД неделава планираат да објават дека ќе ја снабдат Украина со напреден систем за воздушна одбрана, изјавија американски службеници за Њујорк тајмс.
Ова еден од низата чекори во насока на исполнување на ветувањето од претседателот Бајден за воена опрема за Киев во неговиот обид да се одбрани од руската агресија.
Според весникот, администрацијата на Бајден ќе го купи за Украина НАСАМС, напреден систем земја-воздух со среден и долг дострел, со што Украина ќе може да се одбрани од многу поголеми растојанија.
Одлуката на Бајден дојде веднаш откако Русија викендов истрела ракети на Киев, по повеќенеделен релативен мир во престолнината, во време кога лидерите на Г-7 се собраа во Германија на самит.
Џејк Саливан, советник за национална безбедност на Бајден, на Г-7 самитот вчера укажа дека САД имаат намера „да го финализираат пакетот што вклучува напредни одбранбени капацитети за Украина со среден и долг дострел“.
Според него, пакетот ќе вклучува „друга итно потребна опрема, вклучувајќи муниција, артилерија и против батериски радарски системи“.
САД минатиот месец веќе одлучија да обезбедат за Украина напредни ракетни системи што можат да стрелаат на непријателски тенкови и воена опрема на далечина од 80 километри.
Според Саливан, помошта за Украина стига во зависнот од тоа како се развива ситуацијата на бојното поле.
– Пред два-три месеци, зборувавме за антитенковски и противвоздушни системи како Стингери. Потоа стана јасно дека е потребна артилерија. Сега, се повеќе станува збор за некои од овие софистицирани системи – рече Саливан.