Неколку часа пред состанокот на Европскиот совет во Брисел, премиерот во оставка Кирил Петков увери дека ќе го одржи зборот и ќе ја остави одлуката за Македонија на парламентот.
– Оваа одлука мора да ја донесе бугарскиот парламент. Јас си го одржувам зборот, без разлика кој што сака од мене. Нема хипотетичка можност за ништо друго. Јас сум премиер на Бугарија и кога ќе кажам нешто, си го држам зборот. Она на што се надевам, сепак, тоа е дека во наредните денови ќе имаме одлука на Националното собрание – рече Петков.
Премиерот во оставка истакна дека лично му се допаѓа францускиот предлог и смета дека неговото усвојување би било историска можност за Бугарија, но тоа мора да се направи на вистински начин.
Тој го критикуваше претседателот Румен Радев дека не зазема цврст став по ова прашање.
– Ако си претседател како на место, викаш Советодавна седница, седиме сите заедно, дискутираме и излегуваме! Но, маските паднаа – јас ќе си го одржам ветувањето. Предлогот е историски момент за Бугарија, кој не треба да го пропуштиме. Прашањето е дека тоа треба да се направи на вистински начин – истакна Петков.
Премиерот во оставка го критикуваше и однесувањето на опозицијата.
– Не можете да се борите во гради дека имате став и да не успее состанокот на комисијата за надворешни работи. И денеска нема кворум во Народното собрание. Овие луѓе се кукавици и мислат само како да манипулираат. Ако навистина имаат став – денеска треба да заседава комисијата – рече Петков.
Пред Европскиот совет, Петков ќе учествува и на самитот ЕУ-Западен Балкан.