Заврши општата расправа по ребалансот на буџетот

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја завршија општата расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот, на која пратениците од опозицијата и од власта останаа на спротивставени ставови по однос на доставениот буџетски измени.

За опозицијата, ребалансот е доказ дека „економијата е разрушена“ и дека „постојано се зголемува сиромаштијата“. Според опозициските пратеници, се работи за неразвоен буџет кој нема да може да се справи со актуелните економски и социјални притисоци.

Пратениците од власта, пак, порачаа дека со ребалансот се остварува заштеда на сериозни средства што ќе се искористат за директна помош за граѓаните и за стопанството, во услови на економска криза која го потресува целиот свет. Проектираниот ребаланс, нагласија тие, ќе обезбеди заштита на стандардот на граѓаните и ликвидност на компаниите кои се оптоварени со кризите на светските пазари.

Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ во расправата истакна дека со ребалансот нема ништо да се промени, оти со него власта само купува време, а не се справува со проблемите, нагласувајќи дека во прилог на таквите ставови оди и постојаниот раст на јавниот долг и падот на БДП и на економскиот развој.

– Бродот тоне, луѓе се дават и умираат, ама министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека ќе ја задржува стабилноста со ребалансот за 2022. Ова е трагедија од животот, што оваа власт го ветуваше така надежно – рече Стојановска.

Во реплика, пратеникот од СДСМ Диме Велковски истакна дека не е точно оти има постојан раст на задолжувањето, бидејќи, како што рече, државата покрај тоа што се задолжува, секоја година отплаќа долгови и оти само лани бил исплатен долг од 500 милиони евра. Тој нагласи дека државата постојано работи да им помогне и на граѓаните и на бизнисот и оти конципирањето на овој ребаланс на Буџетот е во таа насока.

– Има пораст на платите, на пензиите, има поддршка за стопанствениците и за земјоделците – нагласи Велковски.

Тој додаде дека тоа ќе продолжи и со ребалансот, бидејќи се крати онаму каде не може да се реализираат средствата и се префрлаат таму каде што се неопходни.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

- Advertisement -
Ad image

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници и гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.

По редовната едночасовна пауза, членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да преминат на амандманска расправа, односно на разгледување на предложените над 200 амандмани на Предлог-ребалансот, поднесени претежно од опозицијата.

Share This Article