Граѓаните, исплашени од висината на сметките поради повисоката цена на струјата, како и од тоа дали воопшто ќе ја има во зимските месеци, сè повеќе размислуваат за за греење со дрва или со пелети. Но оваа опција, доколку веќе немаат обезбедено печки ќе ги чини многу повеќе отколку што планирале зашто цената на огревното дрво и пелети веќе е зголемена во однос на ланската и се очекува од јули да се зголеми за најмалку 20 отсто колку што моментално се проценува дека е зголемена и побарувачката на огревно дрво. Складовите за огревно дрво не се сигурни дали ќе можат да ги обезбедат потребните количини, бидејќи одделни држави забранија извоз (Србија и Босна и Херцеговина) на огревно дрво и пелети, а огласот на ЈП „Национални шуми“ за годинава е завршен.
Граѓаните не кријат дека нема да можат да ги покријат сметките за струја следната зима, па затоа се подготвуваат за резервната опција – дрва.
– Цените одат нагоре. Сега и блок-тарифи во кои тие како мене кои се греат на струја ќе плаќаат како фирми. Па тоа е премногу за мене кој зема просечна плата и храни петчлено семејство. И лани едвај ја поминавме зимата бидејќи се грееме на струја. Среќа што ЕВН дозволува плаќање на долгот на рати па некако се извлековме. Одлучивме да се грееме на дрво. Веќе ја вратив печката во домот иако лани купив инвертер. Сега ги разгледувам цените за дрвото. Да, поскапо е од лани, ама барем ќе бидам сигурен дека ќе има со што да се грееме – вели жител на Ѓорче Петров.
Моменталната цена на огревното дрво во складовите каде што ги има е повисока од ланската и се движи до 4.200 денари за кубик бука и 4.500 денари за даб. Пелетите со цена и до 350 денари.
Трговците со огревно дрво тврдат дека побарувачката е драстично зголемена годинава поради што се очекува и повисока цена на следните набавки на дрво.
– За разлика од други години продажбата тргна во мај. Се што имавме како резерва продадовме. Имам договор со Македонски шуми, но поради дождот и немањето работници не можам да обезбедам доволно количини дрво. Очекувам нова количина на дрво деновиве, но тешко оди бидејќи никој не сака да работи со дрво. Има голем недостиг на работници, а порачки многу. Цената мислам дека ќе расте зависно од интересот за купување од граѓаните иако договорот со Македонски шуми е со фиксна цена, но набавките од приватни препродавачи се со повисока цена-вели сопственикот на складот „Воденица ком“.
Дел од складовите за огревно дрво моментално не располага со дрво, но велат дека новите пратки ќе им бидат со повисока цена.
– Цената е зголемена во однос на ланската и ќе расте бидејќи и побарувачката расте, а нема дрво од каде да се набави и секоја нова набавка е со нова цена – велат од компанијата „Гошир промет“.
Јавното претпријатие „Национални шуми“ уште лани во декември имаше јавен повик за продажба на огревно дрво за компании и здруженија, а на почетокот на годината ги потпиша годишни договори.
Од претпријатието, засега нема најава за зголемување на цената на огревното дрво.
Трговците кои нудат пелети велат дека интерес има и за нив, но не може да се обезбедат бидејќи главно се увезува од Србија и Босна и Херцеговина каде што има забрана за извоз.
– Има интерес за пелети, но го нема од каде да се увезе. Ние увезуваме од Босна и Херцеговина, а таму моментално е забранет извозот. Она што го имавме веќе го продадовме, а новата набавка од 1 јули очекуваме да биде со нова цена, но не можеме да кажеме колкаво ќе биде зголемувањето – велат од компанијата „Ројал пелети“.
Иста е состојбата и во градовите низ земјава каде што населението главно ги користи струјата и дрвата за огрев.
– Интерес за пелети има, ама немаме од каде да го набавиме. Веруваме дека следната набавка ќе биде со повисока цена – велат од велешката компанија „Ангровардар“.
Иако расте побарувачката на дрво, во овој период, според трговците, во Скопје има намалена побарувачка на печки на дрво и пелети. Цените на печките на дрво се движат до 9.000 денари, а оние на печките на пелети со попусти достигнаа до 270.000 денари.
Се претпоставува дека над 60 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат дрва како примарен извор на енергија, а годишната сезона на греење изнесува 6 месеци. Притоа зависно од тоа колку простории се греат се потребни од 1 кубен метар месечно до 20 кубни метри дрво (за парно на дрва). Тоа значи дека годишно за оваа намена граѓаните кои се греат на дрво ќе треба да издвојат меѓу 27.000 и 90.000 денари по моменталните цени на пазарот. Ако има поскапување трошокот ќе биде повисок. Тука не се пресметани и парите кои се потребни за превоз, како најмување на работник кој ќе ги исече и нареди дрвата.