Упорно ќе работиме и трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Но ве молиме не заборавјте нѐ и помагајте ни да растеме. При вас се принадлежностите и правата и имаме полна доверба во вас. Вака му се обрати денеска во својата беседа архиепископот Стефан на патријархот Вартоломеј на крајот од заедничкото сослужување во црквата „Св. Георгиј Победоносец“ во Фанар, Истанбул.
– Свети архиепископе, господине Стефане, му се обрати патријархот Вартоломеј на поглаварот на Охридската архиепископија на почетокот на неговата беседа.
– За да нема отстапување од толкувањето на вистината и да нема шизми потребни се автокефални цркви. Автокефалните цркви имаат обврска да им служат на верниците и да се молат за единството на верата. Ова беше болка за која требаше да се најде решение. Татковски ве посочуваме да ја предадете грижата кон вашата мајка црква, а ние ќе ги уредиме сите наши дела за воспоставување на евхаристична заедница во годините што следат и колку што можеме ќе дадеме придонес за разрешување на тие прашања – рече Вартоломеј.
Архиепископот Стефан порача дека трпеливо ќе чекаат да се уредат сите работи околу статусот на Охридската архиепископија и дека тоа е во рацете на Вселенската патријаршија.
– Во овој завршен празник ние членовите на Охридската архиепископија почувствувавме дека не сме сираци, туку откако се најдовме во татковата прегратка на г.г. Вартоломеј, еве сме прифатени и возљубени, сослужуваме, учествуваме во Педесетницата. Ова денешно собитие за нас значи многу. Од таму од каде што ја слушнавме иницијативата за нашето барање. Ние децата на надежта и на верата го разбираме она „голема е твојата вера, нека биде по желбата твоја“. Ете се исполнува уште едно таинство на Педесетницата, се исполнува чудото на духот. Го гледаме остварувањето на зборовите на големиот апостол. Ние поднесовме барање за еклитон. Да, ние сме патриоти, како што се и сите наши соседни народи, ја љубиме и земјата каде што сме родени, но ги љубиме и нашите соседи и соседните архиереји, чекаме со љубов и трпение да сослужуваме со архиереите во Грција. Не го сокриваме од вас копнежот на нашиот народ – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква, но Господ ни е сведок дека е голема нашата полна доверба за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Но ве молиме не заборавјте нѐ и помагајте ни да растеме. При вас се принадлежностите и правата и ве молиме да постапите како што постапивте низ историјата со доделувањето на автокефалиите, без да наведуваме аналогии. Упорно ќе работиме и трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време. Нека е нераскинливо нашето завештание, нека одекне силно веста за ова деношно собитие – рече во својата беседа архиепископот Стефан.
Претходно, патријархот Вартоломеј читаше молитви коленичејќи, што е карактеристично за празникот Духовден, Педесетница, поради што и литургијата траеше подолго.
Предавањето на Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата не значи и давање томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви.
За утврдување на конечниот статус на Охридската архиепископија ќе следуваат дополнителни преговори.