More

    Со губењето на 11 Октомври ја губиме и државноста

    spot_img

    Бугарија во преговорите со Македонија едноставно бара ревизија на целата македонска историја од средниот век до ден денешен, со што ќе се избришат македонската нација, јазик и државност. Вакви беа оценките на историчарот Тодор Чепреганов, но и на други членови од Здружението на историчари на Македонија (ЗИРМ), кои од денес започнуваат серија на трибини и дебати по повод 150-годишнината на раѓањето на Гоце Делчев. За историчарите спорни се бришењето на зборот „фашизам“ и низа други зборови со кои Бугарија ќе проба да се стави на „вистинската страна на историјата“.

    – Едноставно, Бугарите не признаваат македонска нација, јазик, историја, традиција, а две комисии преговараат. Како што преговараат? Како Бугари со Бугари или Македонци со Бугари? Бугарите ни прават ревизија на сè што како колективна историја го има македонскиот народ – истакнува Чепреганов, отворено велејќи дека ова е „проклет, ноќна мора-договор“.

    Ако го изгубиме 11 Октомври, ја губиме државноста

    Бугарските апетити растат, а последно проблематично беше славењето на празникот 11 октомври. За Чепреганов ова е крајно загрижувачко.

    – Мислам дека она што ни се случува моментално и политички и со Комисијата, е во суштина целосно барање за редефинирање на македонската историја. Бугарите ги навредува дека биле турско-монголско племе, а самите го пишувале тоа. Имаме крваво Коледе, тотален фалсификат. Дојдовме до 11 Октомври. Ако го изгубиме 11 Октомври, немаме ни народ, ни фашизам, па ни антифашизам. Значи, немаме АСНОМ. Се губи македонската државност. Дури во еден момент може да испадне дека македонските партизани биле терористи кои во сопствената држава биле сепаратисти кои се бореле против тогашната бугарска власт – вели Чепреганов.

    Бугарија е единствена земја која користи нацистички симболи

    Вчера, Брисел беше засегнат од наци-поздравот на бугарскиот европратеник Џамбаски. За Чепреганов, тоа не е изненадување, ако се знае дека во Бугарија се одржа Луков марш со нацистички симболи.

    – Пред некој ден, во Европарламентот Џамбаски направи нацистички поздрав. Тоа ги изненади сите во Европа, а еден бугарски блогер напиша: „Да, тоа го има направено и во минатото. Да, ова е причината поради која тој стана европратеник. Да, Бугарија има проблем со нео-нацизмот.“ Само пред некој ден во Бугарија се одржа Луков марш, со нацистички симболи кои беа носени од негови симпатизери, пред да ги растера полицијата. Бугарија е единствена во Европа која слави нацист, но Европа не реагира никако во врска со ова. А, нас нè чуди зошто во договор со Бугарија треба да се избрише фашизмот како збор?

     

     

    „Не се тие фашисти, туку наши пријатели“

    Историчарите од ЗИРМ се сомневаат во работата на своите колеги од Мешовитата историска комисија. Чепреганов ја осуди изјавата на историчар кој изјавил дека „Бугарија не е фашистичка земја“.

    Кон ова тој ја додаде и изјавата на претходниот македонски премиер кој рече „Бугарија не е фашистичка земја. Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат таа реалност“.

    Ветото на Бугарија е антимакедонско продолжение на Преспа

    Дека се спрема целосна смена, која ќе кулминира со промена во учебниците предупреди и професорот Митко Панов, додека за професорот по филозофија Трајче Стојанов од Штип, бугарските барања се продолжение на договорот од Преспа, кога започна омеѓувањето на македонизмот:

    – Суштината на бугарските барања не е променета барем 60 години. Се сведува на следното: Македонците се етнички бугари, историјата од средниот век до денес е буарска, а идентитетот е проект на српската политика. Бугарското вето е продолжение на Преспа, тоа е продолжение на историското омеѓување на македонизмот. Нив им треба македонизмот да го одржат бугарскиот национален мит, но и за да се престројат на вистинската страна на историјата, односно на антифашизмот. За Бугарите, Втората Светска војна е братоубиствена граѓанска војна на „истиот народ“, односно војна на левицата и десницата – заклучува тој.

    Секоја држава мора да има свој национализам, тоа не е спорно

    Стојанов смета и дека национализмот и нашиот македонизам се термини различни од зборот „шовинизам“ и тоа го потврдува светската наука. Според него, секоја нација има свој нацоинализам како подлога пред која било друга идеологија (фашизам, комунизам, неолиберализам…) и таа не се менува без разлика какво ќе биде уредувањето или ситуацијата во земјата.

    – На пример, Германија била нацистичка, но по пропаѓање на нацизмот, не се распаднала германската нација пер сè, бидејќи постои заднинска мета-идеологија која ги одржува Германците. Затоа, национализмот е чин на верба. Тоа е случај со многу народи. Што се однесува до фашизмот, тоа е првата модерна филозофија од Џовани Џентили, кој се дефинира како нео-хегелијанец. Во сите иделогии, исто и кај комунизмот, со нивниот пад, не пропаѓа нацијата. Ова го има и на Западот.

    Идеологиите се минливи, македонизмот мора да опстои

    За Стојанов, сите модерните европски нации работеле и уште работат на својот национализам, го реобмислуваат од генерација во генерација за тој да опстане, како што и според филозофот Хопсбаум, тој е во постојано движење. Оттука Македонците и интелектуалните елити треба да работат на реобмислување на нашиот национален мит, бидејќи во историјата е познато дека национализмот е пред нацијата, односно, дека немало „културно будење на народите во Европа кон крајот на 18 и почетокот на 19 век“ туку буквално, секоја европска нација е создадена со идеолошки инженеринг.

    Стојанов за пример ја зема и Велика Британија, која од времето на Маргарет Тачер влезе во неолибералната идеологија на капитализмот, заедно со САД и Западот, во која живееме до ден-денес, а која од економска стана национална доктрина на државите, кои мораа да се реобмислат за да го задржат својот идентитет.

    Но, ова не значи дека со промената замрел британскиот или американскиот национален мит, па така, не треба ниту да замре македонската нација и македонизмот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img