Пораките и предупредувањата кои во изминатите денови ги испраќа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, доцна синоќа, одлучи да ги повтори, но на грчки јазик, преку неговиот официјален „Твитер“ профил, за да ја предупреди Грција „да се вразуми“, на што портпаролот на грчката Влада му порача дека грчкиот е јазик на логиката, слободата и правото, додека пак лидерот на СИРИЗА на Ердоган му одговори на турски јазик, јави дописничката на МИА од Атина.
-Уште еднаш ја предупредуваме Грција да се вразуми, да се држи настрана од соништа, реторики и постапки кои ќе ја доведат до резултати за кои ќе се кае, како што се случи пред еден век – порача на грчки јазик Ердоган преку неговиот официјален Твитер профил.
Преку неколку твита, сите на грчки јазик, турскиот претседател ги повтори ставовите дека „Турција не ги прекршува правата и законите на никого, но не дозволува ниту кршење на нејзините права и закони од никого“, рече дека Грција иако е членка на ЕУ „продолжува да го угнетува турското малцинство што живее во Западна Тракија, на Родос и Кос“, но и дека Турција нема да се откаже од нејзините права во Егејското Море и „нема да се двоуми да ги искористи правата признати со меѓународните договори за демилитаризација на островите“.
-Обидот за инструментализирање на НАТО и трети земји, нивно вклучување во незаконитоста на разни воени вежби на острови со немилитаризиран режим, е само обид кој ќе има катастрофален крај – порача турскиот претседател.
Се осврна и на малиот грчки остров Мегисти (Кастелоризо), велејќи дека „важноста да се бара поморска јурисдикција од 40.000 километри квадратни за Мегисти лоциран во источниот Медитеран и на помалку од два километри од копното на нашата земја, додека од копното Грција над 600 километри, ја оставаме на разумноста на меѓународната заедница“.
За ставовите на турскиот претседател, следеше реакција од портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, кој, меѓу другото, рече дека е „импозантно е што претседателот Ердоган одбра да се изрази на грчки јазик“.
-Познато е дека грчкиот е јазик на логиката, слободата и правото. Оние на кои им е мајчин јазик и западниот свет многу добро го знаат тоа. Тактиката што ја избра Турција не спаѓа во ниту една од овие верзии – изјави Иконому.