Да нема прекин на веќе препишана терапија, замена на лек, или пак листи на чекање за пациенти кои боледуваат од хронични болести и примаат терапија која се издава исклучиво на клиника, е целта на проектот „Правна поддршка за пациенти и здруженија на пациенти во пристапот до болничка терапија“, што го спроведува Македонското здружение на млади правници (МЗМП) со поддршка на компанијата „Рош Македонија“.
Во наредните шест месеци проектот ќе овозможи преку правна помош да им се помогне на пациентите со давање конкретни совети, информации, изработка на писмени барања до надлежните институции и слично.
Маја Камбовска, партнер на здравствениот систем во компанијата, истакна дека со цел да се зајакне едукацијата и свеста кај пациентите за важноста од примање континуирана и персонализирана терапија како суштински дел од целокупната здравствена нега, одлучиле да поддржат проект за правна поддршка на пациентите и здруженијата на пациенти во поглед на пристапот до болничката терапија.
– Како компанија на глобално ниво, имаме силен фокус кон поддршка на активности за подобрување на здравјето и животот на пациентите и придонесуваме за градење здравствен систем заснован на потребите на пациентите. Овој пристап го применуваме и во нашиот локален контекст, преку иницијативи за надминување на предизвици во здравствената нега. Еден таков системски предизвик е што пациентите кои боледуваат од сериозни хронични болести се соочуваат со нецелосен пристап до болничка терапија, пред сè заради тоа што позитивната листа на лекови во Македонија не е обновена повеќе од една декада. Изминатите години Министерството за здравство направи сериозен исчекор со воведување на условните буџети за лекови, но заради комплексноста на овој процес често се случува пациентите да бараат совети како да го остварат своето право за навремена и современа терапија. Пациентите со хронични заболувања, како што се канцер, ретки болести, мултипла склероза, хемофилија се честопати финансиски и емотивно исцрпени и при првата правна препрека се откажуваат од оваа битка – посочи Камбовска.
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на пациенти од малигни, ретки и други хронични болести кои се соочуваат со проблеми при пристапот до болничка терапија и нега, ќе им дава бесплатни правни информации и совети. Информациите и советите ќе се обезбедуваат преку телефон, е-пошта, социјални мрежи како и непосредно во просториите на МЗМП.
– Со цел да се зголеми информираноста на пациентите за нивните права и начините како да ги остварат и заштитат, МЗМП ќе организира информативни сесии за специфични правни прашања и проблеми со кои се соочуваат пациентите кои ќе бидат од отворен тип. Дополнително ќе бидат изработени и споделени информативни материјали за механизмите за заштита на правата на пациентите. МЗМП ќе работи и на зајакнување на капацитетите на здруженија на пациенти преку правна и менторска поддршка која ќе вклучува: помош при унапредување на внатрешната структура, обуки и работилници за права од здравствена заштита и здравствено осигурување како и помош при изработка на практични упатства, приспособени за посебните потреби на целната група на здружението и неговите членови кое ќе служи како ресурс на здружението при давањето информации и сервиси на пациентите кои имаат поддршка од правна поддршка – истакна Гоце Коцевски, програмски директор во Здружението.
Во активностите на проектот како корисници се вклучени пет пациентски здруженија кои работат на проблематика на канцер, ретки болести, мултипла склероза.
– Проектот е одлично креиран концепт кој е директно насочен кон пациентите, така што ќе имаат можност да се обраќаат кај правниците од Здружението на млади правници со конкретни прашања со цел да им се даде совет, состави барање, претставка, допис и истото да се поднесе каде што треба во услови кога им е прекината терапија или се ставени на листа на чекање, односно имаат проблем да добијат лек кој им е препишан. Секоја активност во интерес на пациентите со хронични и сериозни дијагнози е доказ дека овие лица не се оставени сами на себе, туку им е дадена можност за успешно решавање на горлив проблем кој е дел од нивното тешко секојдневие – оценува Ана Карајанова Димитрушева, претседател на Здружението за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.
Според Биба Додева, претседател на Здружението „Борка – за секој нов ден“, кое веќе 15 години неуморно работи на активности поврзани со женското здравје и пружање конкретна поддршка на пациентите кои боледуваат од рак на дојка, овој проект ќе биде од голема корист бидејќи пациентите ќе добијат совети и информации за прашања врзани со пристапот до лекови кои се препишуваат и издаваат во болница.
– Ние сме во постојан контакт со пациентите и најдиректно се соживуваме со нивната болест, со нивното секојдневие и со проблемите со кои се соочуваат. Проблемите со достапноста на онколошката болничка терапија „Борка“ редовно ги истакнува во дискусии со здравствените власти, но и пошироко во јавноста. Пациентите со рак на дојка често ни се обраќаат заради недостаток на лек кој им е препишан и мора редовно да го примаат, а за ваква тешка дијагноза прекин или замена на терапија може сериозно да се одрази на прогресот на болеста па дури и да има фатален исход. Дополнителен проблем е и тоа што најголем дел од лековите што овие пациенти ги примаат не се ни на позитивната листа – вели Додева.