Нè чека многу топло време ова лето со надминување на просечните температури дури и до 3 степени, а најголемо отстапување се очекува во јули, велат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според анализите, за целиот југоисточен регион на Европа се предвидува летните температури да достигнат натпросечни вредности, а тоа важи и за нашата земја.
– За територијата на Република Северна Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до 3 степени Целзиусови, речиси на целата територија. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде во јули – велат од УХРМ.
Како што велат од Управата, анализите на температурите на површината на морето и прогнозата за наредните три месеци покажува умерени „Ла Ниња“ услови, негативен сигнал за Индискиот океан и позитивни промени за Атлантскиот.
– Повеќето модели укажуваат на вообичаен атмосферски одговор на условите „Ла Ниња“ и се очекува да преовлада зонската циркулација. Бидејќи земјиштето е суво во северозападниот дел на регионот постои голема веројатност за појава на топлотни бранови во Југоисточна Европа – информираат од УХМР.
Несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има врнежи под просечните со веројатност која расте од северозапад кон исток.
– Во Македонија најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува да биде во август. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи – велат од Управата.
На територијата на цела Македонија според многугодишниот просек (1981-2010) температурите на воздухот во летната сезона се движат од 16 степени во планинските предели до 25,3 степени измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23,9 mm измерени на метеоролошката станица во Штип до 96,7 mm во Маврово. За истиот период во главниот град многугодишната температура на воздухот за јуни, јули и август изнесува 21,9°C, 24,2° и 23,9°C, соодветно, а пак просечна количина на врнежи во Скопје за јуни, јули и за август изнесува 44 mm, 37,6 mm и 34,4 mm, соодветно.
– Во претстојната летна сезона секако постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. За дополнителни и навремени информации потребно е редовно следење на подеталните краткорочни прогнози, кои редовно и вонредно ги издаваме – велат Управата за хидрометеоролошки работи.
Како и секоја година, се очекува Владата да објави препораки поради високите температури, како што се ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, меѓу кои спаѓаат бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотен бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Од УХМР најавуваат дека оваа недела ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време, на повеќе места со пороен дожд и грмежи.
– Локално, процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. И во Скопје ќе биде нестабилно, освен утре, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, повремено во форма на невреме – велат од Хидрометеоролошкиот завод.