Зготвената храна чувајте ја на најгорните полици во фрижидерот

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Најавено зголемување на дневните температури ги зголемува ризиците од појава на труење со храна. За да се спречи ова, неопходно е да се направи правилен избор на храна при нејзина набавка и да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Потребно е да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, а пред сѐ да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува потрошувачите да избегнуваат да купуваат и да консумираат храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото, јајцата и други да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или во замрзнувач.

Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат.

По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа.

Граѓаните кои јадат во угостителските објекти, да водат сметка дали операторите со храна се грижат за хигиената и за безбедноста на храната. Во објектите за брза храна да се одбегнува употреба на додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.

Доколку се процени дека храната не е безбедна, да не се ризикува – храната да се фрли!

Високите температури се опасност и за домашните животни и милениците. Порастот на температурите претставува стрес за секое животно кој може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.

Во услови на високи надворешни температури да се води сметка ако дојде до топлотен удар, животните да се сместат во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество свеж воздух. Да им се даде доволна количина свежа вода, а телесната температура да им се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.

Сопствениците на домашни миленици животните да не ги оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории.

- Advertisement -
Ad image

На фармите да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните да се заштитат од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.

Share This Article