Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ денеска поднесе барање до претседателот Талат Џафери за закажување итна седница на која на дневен ред ќе се најдат законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност и Предлог законот за изменување на Законот за акцизи.
– Бараме оваа седница да биде свикана што е можно поскоро со оглед на тоа што секоја помината минута, откако Владата реши да не ги продолжи антикризните мерки за горивата и основните продукти, претставува невидена голгота за граѓаните. Владата знаејќи каква штета ќе предизвика со укинувањето на антикризните мерки предизвика вртоглав раст на цените на горивата и основните продукти и додека многу влади во далеку поразвиени држави воведуваат дополнителни мерки за нивните граѓани да не трпат големи загуби, нашата Влада и Димитар Ковачевски мува не ги лази за граѓаните – рече Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ вчера поднесоа два закона со кои акцизата за горивата ќе се преполови и ќе се даночат со стапка од 5%, наместо моменталните 18%, а прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на 2022.
– Го повикуваме собраниското раководство веднаш да ја закаже итната седница. Ја повикуваме Владата и парламентарното мнозинство да застанат на страната на граѓаните, заедно да ги донесеме овие закони кои ќе бидат големо олеснување во оваа кризна ситуација бидејќи ситуацијата секој ден станува сѐ полоша и полоша и мора итно да се делува – додаде Мицевски.