Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, побара итна седница на Советот за безбедност и одбрана во врска со две убиства во Подгорица, оценувајќи дека ситуацијата е сериозна и дека има ескалација на насилството на улиците и конфликти меѓу криминалните кланови.
Вршителот на должноста директор на Полициската управа, Лазар Шќепановиќ, во неделата оцени дека безбедносната состојба во Црна Гора се влошила и дека го разбира чувството на вознемиреност кај граѓаните по новите атентати, пренесува РТЦГ.
На вонредна прес-конференција, по две убиства за четири дена, Шќепановиќ рече дека убиствата се „дел од пресметка меѓу два криминални клана“ и дека не ја исклучува можноста за одмазда, особено во врска со третото убиство што се случи во Шпанија.
Во саботата навечер, во кафуле во близина на седиштето на Полициската управа, Иван Милачиќ беше убиен во Подгорица, додека еден млад човек што седел на масата со него беше ранет, а еден минувач беше полесно повреден.
Неколку дена претходно, на 16 јули, Игор Недовиќ беше убиен во Подгорица, додека еден ден пред тоа, црногорскиот државјанин Филип Кнежевиќ беше убиен во Шпанија. Сите тројца беа членови на спротивставени криминални кланови – „Кавачки“ и „Шкалјарски“ – чии непријателства траат повеќе од десет години.
Шќепановиќ на вонредна прес-конференција изјави дека сè уште не може да ја потврди врската помеѓу убиствата во Подгорица и она во Шпанија, иако не ја исклучи таа можност. Додаде дека е можно „почетната искра“ да дошла од Шпанија, каде што е убиен Кнежевиќ, но дека сè уште нема официјални информации за убиството.
Вршителот на должноста директор на Управата за полиција на Црна Гора, Шќепановиќ, најави претстоен состанок со полицијата во Шпанија во врска со убиството на Филип Кнежевиќ во Барселона. Шпанските медиуми објавуваат дека Кнежевиќ бил поврзан со ликвидацијата на две „Шкалјарци“ на Крф во 2020 година, за кои, според обвинението во Србија, нарачатели биле Радоје Звицер и Дарко Шариќ.
Тој истакна дека во Црна Гора дејствуваат 11 криминални групи, од кои двете најголеми имаат повеќе од 300 членови, и ја нагласи решителноста на полицијата во борбата против организираниот криминал.
„Морам да ја истакнам лошата казнена политика и доцнењето на пресудите, поради што поединци сè уште се активни во кривични дела. Се надевам дека Агенцијата за национална безбедност и полицијата, преку меѓуинституционална и меѓународна соработка, заедно со третата гранка на власта, ќе дадат соодветен одговор, бидејќи ова е безбедносен ризик за граѓаните на Црна Гора“, рече Шќепановиќ.