Мелничко-пекарската индустрија и повеќе здруженија на сточари алармираат дека има најава за откуп на житни култури од компании од земји од опкружувањето. Тие бараат владата да го забрани извозот на житарки од почетокот на жетвата до крајот на годината.
-Имаме информација дека некои компании од земјите од нашето блиско соседство (Грција и Бугарија) веќе се обидуваат да договорат откуп на житарки и сончоглед од производители од земјава бидејќи тешко оди нивното снабдување со жито од Украина и Русија од каде досега се снабдуваа. Ако ова се оствари тоа ќе значи голем проблем за мелничката индустрија, но и за населението бидејќи и така малото пропизводство на житни култури и сончоглед ќе заврши во странство наместо да се користи во земјава. Со тоа ризикуваме да немаме доволно количини брашно за прехрана на населението, а нема да има и храна за сточарството и суровина за фабриките за масло за јадење – вели Горан Малишиќ од Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.
Тој додава дека повеќе здруженија од коморите во земјава веќе алармираа кај владата за проблемот и побараа забрани извозот на житарки до крајот на годината.
-Бараме да се забрани извозот на житарки и сончоглед од земјава до крајот на годината, за да нема дестабилизација на пазарот и високи цени на главните прехранбени производи – вели Малишиќ.