Украински суд осуди двајца руски војници на 11,5 години затвор поради гранатирање град во источниот дел на Украина.
Тоа е втора пресуда за воени злосторства од почетокот на руската инвазија во февруари. Александар Бобикин и Александар Иванов минатата недела се изјаснија за виновни.
– Вината на Бобикин и Иванов целосно е докажана – изјави судијата Евген Болибок.
Според обвинителите, гранатирањето уништило образовна установа во градот Дергачи, но, немало човечки жртви.
Двајцата војници, опишани како возач и стрелец, се заробени откако ја преминале границата и продолжиле со гранатирање. Обвинителите бараа затворска казна од 12 години, а одбраната наведе оти двајцата извршувале наредби и дека се покајале.
Со првата пресуда за воено злосторство во Украина, 21-годишен руски војник доби казна доживотен затвор поради убивање невооружен цивил.