Прилично тешко ќе ѝ биде на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да го симне од престолот актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, дури и откако веќе ја поднесе интерпелацијата за негово отстранување од функцијата.
Очигледно, гласовите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, од Алијанса за Албанците, од Беса, од Левица, од Гром, нема да бидат доволни за да се заокружи 61 глас, колку што е потребно за да биде успешна интерпелацијата.
И од партијата на Христијан Мицкоски си признаваат дека треба да се случи вистинско чудо за да се охрабрат дел од пратениците од власта и да ја поддржат интерпелацијата за Џафери, која, впрочем, следува откако во јавноста се појави аудио-снимка на којашто се слуша како спикерот ги пцуе собраниските служби, а веќе другиот ден, пак, им наредува на истите тие служби да ја заклучат пленарната сала во парламентот и да не им дозволат на опозициските пратеници да ја напуштат просторијата.
– Не очекуваме дa се охрабри 61 пратеник од власта за да се спротивстави на дивеењето на Талат Џафери врз собраниските процедури и врз демократијата воопшто, но очекуваме СДСМ и нејзините пратеници да дадат сѐ од себе за да го заштитат кршењето на процедурите и недемократското однесување на Талат. Впрочем, тие на тој начин ќе ги поддржат и тешките навреди врз службите во Собранието кои ги испрати Талат и неговата тортура врз колеги пратеници. Да не се заборави дека Џафери, чиј избор беше преку правен преседан, продолжува со преседаните и ја злоупотребува својата функција. Воедно, очекуваме Џафери да продолжи со злоупотребите и да изнаоѓа начини да ја одолговлечи интерпелацијата и затоа апелираме да не навлегува во уште поголеми злоупотреби на позицијата која ја има и да се охрабри и да ја стави интерпелацијата на дневен ред час поскоро. Симптоматично е што досега најголемата одбрана на дивеењето на Талат не доаѓа од ДУИ, кои патем не се произјаснија за однесувањето на Џафери, туку од СДСМ, што кажува дека како што се сложни во криминалот уште повеќе се сложни во одбрана на тортурата на Талат – порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Левица ќе ја поддржи интерпелацијата на спикерот во Сообранието, кој постојано се однесува неделовнички и саботирачки.
И од опозициската Алијанса за Албанците не го кријат незадоволството од работата и однесувањето на актуелниот собраниски спикер.
– Талат Џафери воопшто не треба да биде претседател на Собранието, бидејќи тој е слуга на владејачкото мнозинство и тој не е претседател на сите пратеници во Собранието. Во изминатиов период тој ја одигра главната улога во театарската претстава и послужи како инструмент за прикривање на секојдневните скандали и неуспеси на актуелната власт – велат од партијата на Зијадин Села.
Поддршка на интерпелацијата ќе дадат и двајцата пратеници од Левица.
– Од побуди на политичка одговорност, Левица ќе ја поддржи интерпелацијата на спикерот во Сообранието, кој постојано се однесува неделовнички и саботирачки. Сепак, со последните инциденти кои се врзуваат со Џафери, заклучувањето на пратениците во собраниската сала и дивјачкото однесување кон вработените, не се остава простор кој ќе оправда да не се случи негова интерпелација – ни изјави портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.
И пратениците од Движењето Беса јасно посочуваат дека ќе ја поддржат интерпелацијата за собранискиот спикер.
– Дефинитивно ќе ја поддржиме интерпелацијата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ за претседателот на Собранието, Талат Џафери. Актуелниот спикер нема кредибилитет за да ја извршува должноста претседател на Законодавниот дом. Нашите пратеници ќе ја поддржат интерпелацијата, но најважно е мнозинството да сфати дека граѓаните се чувствуваат измамени и дека е време за одржување предвремени парламентарни избори – изјавија од партијата на Билал Касами.
Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ ни потврди дека ќе гласа за интерпелација на собранискиот спикер.
– Јас веќе се потпишав и секако дека ќе гласам за интерпелација на спикерот Талат Џафери. Неговото однесување и неговите постапки во законодавниот дом се неприфатливи – изјави Пренџов.
Од владејачките СДСМ и од ЛДП, пак, се изјаснија дека ова е дел од „стандардниот политички циркус на ВМРО-ДПМНЕ со цел дефокус од реалните проблеми“.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, јасно посочи дека пратениците од неговата партија нема да гласаат за интерпелацијата.
Сличен став дели и претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, која вели дека интерпелацијата за Џафери е дел од тактиката на опозицијата за т.н. активна блокада на Собранието, со цел предвремени парламентарни избори.
– ДОМ нема да ја поддржи интерпелацијата поднесена за собранискиот спикер Талат Џафери. Од друга страна, пак, сите ние како пратеници треба да го почитуваме Етичкиот кодекс и да придонесуваме за повисоко ниво на политичка култура. Се согласувам дека вокабуларот на Џафери е некоректен, но морам да забележам дека и опозициските пратеници одеднаш некако станаа многу загрижени за почитувањето на Кодексот. Како и да е, јас сметам дека поднесената интерпелација за претседателот на Собранието е дел од тактиката на опозицијата за активна блокада на парламентот, со цел предвремени парламентарни избори. ДОМ нема да ја поддржи интерпелацијата, оти сметаме дека сега не е време за одржување предвремени избори – објаснува Морачанин.
Судејќи по последната изјава на пратеникот Горан Мисовски од НСДП, дека „Талат Џафери е досега најдобриот претседател што Собранието го имало досега“, очекувано е тој и неговата сопартијка Соња Мираковска да не ја поддржат интерпелацијата.
Па така, доколку не се случат чуда на коишто се надева опозицијата, тогаш 46-те пратеници од СДСМ и 15-те од ДУИ би биле сосема доволни за да не се изгласа интерпелацијата за Џафери, а треба да се има предвид и дека дел од владејачката коалиција се и пратениците на Алтернатива и од ДПА.
Во меѓувреме, за 6 јуни е закажана и седницата на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, на која треба да се расправа дали Џафери го прекршил Етичкиот кодекс, после снимката која излезе на која се слуша расправата со собраниските служби. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека и двата процеса ќе ги тера паралелно со интерпелацијата.