Во ирскиот град Тјум, во округот Голвеј, денеска започна ископување на локација за која се претпоставува дека крие останки од околу 800 бебиња, закопани без обележје.
Масовната гробница потекнува од периодот помеѓу 1925 и 1961 година, кога католичкиот ред „Бон Секур“ управувал со домот за мајки и деца „Света Марија“, каде што починатите новороденчиња биле тајно погребувани.
Операцијата, која ќе трае околу 2 години, претставува нова фаза во соочувањето на Ирска со злоупотребите и со занемарувањето деца во институции управувани од религиозни и од државни власти, особено кон оние што ја носеле стигмата на „вонбрачно родени“. Третманот на тие деца честопати се нарекува дамка на совеста на нацијата, објави британски Гардијан.
Во домот во Туам, т.н. „дом за мајки и бебиња“, каде што биле праќани девојки и млади жени за да се породат, дел од бебињата биле закопани во напуштен подземен септички резервоар.
Не постоеле записи за погребите, а нивните смртни случаи биле игнорирани сè до пред 10 години, кога локалната историчарка Кетрин Корлес открила смртни изводи за 796 бебиња. Тоа довело до судска истрага, извинување од државата и до ветување дека местото ќе биде ископано.
– Многу ми олесна што конечно се случува. Ова беше долга борба. Малку сум преплавена од емоции. Толку долго чекав. Ова е радост за мене и за семејствата што се надеваат дека ќе си ги најдат најблиските – рече Корлес.
Поголемиот дел од локацијата – која се наоѓа во средина на станбена населба – е ограден, а канцеларијата за овластена интервенција во Туам веќе започнала со подготовките.
Тимот од 18 лица – меѓу кои археолози, антрополози и други форензичари од Ирска, Велика Британија, Австралија, Колумбија, Шпанија и од САД – го предводи поранешниот претставник на Меѓународниот Црвен крст, Даниел Мексвини.
Достоинствен погреб за семејствата
Операцијата има за цел да ги пронајде сите човечки останки, да се обиде да ги идентификува, да ги врати на семејствата и да им обезбеди достоинствен погреб. Мексвини вели дека големината и локацијата на местото, филтрацијата на подземни води и мешањето на коските, како и близината на други останки од времето на гладот во 19 век и од сиропиталиштата, го прават процесот исклучително сложен.
– Сето ова заедно ја комплицира задачата. Ова е ископување според форензички стандарди, слично на истрага за кривично дело. Во тимот имаме луѓе со искуство во управување со места на злосторства. Законот нè обврзува да повикаме патолог или полиција доколку најдеме докази за насилна смрт – рече тој.
Багерот ќе има специјална кофа без заби и ќе работи многу бавно, запирајќи штом археолозите забележат нешто значајно, објасни МакСвини. Тимот има канцеларии и лабораторија на самото место за првични анализи, пред материјалот да биде испратен во поголема лабораторија. Некои роднини на починатите деца веќе дале ДНК примероци.
Барале јаболка, нашле коски
Калуѓерките од редот „Бон секур“ го воделе домот со одобрение од ирската држава, која ги игнорирала лишувањето, мизогинијата и високата смртност кај новороденчињата. Домот во Туам бил затворен во 1961 година и срушен, а на местото подоцна била изградена станбена населба.
Во 1975 година, 2 момчиња во потрага по јаболка наишле на човечки коски во напуштениот септички резервоар. Властите не презеле ништо сè додека Корлес – поранешна секретарка во текстилна фабрика со интерес за локалната историја – не ги објавила своите истражувања, кои прво ги пренеле локалните, а потоа и националните и меѓународните медиуми во 2014 година.
Ќе се снима филм за овој случај
Актерот Лиам Нисон е ко-продуцент на игран филм за случајот, чие снимање ќе започне во Голвеј подоцна годинава.
Корлес изрази надеж дека останките, кои се наоѓаат на длабочина од околу 2 метри, ќе можат да се идентификуваат и да се реконструираат.
– Толку многу коски се измешани бидејќи навлегла вода. Се надевам дека ќе можат да ги поврзат – рече таа.
Таа ги предала сите свои документи на тимот за ископување.
– Тие се врвни експерти во своите области и се исто толку емотивно вклучени во ова колку што сум и јас. Навистина сакаат да стигнат до вистината – додаде Корлес.