Средното стручно образование во Македонија се профилира како најуспешен модел кој ефективно ја спојува теоријата со практиката, овозможувајќи им на учениците директен влез на пазарот на труд или академско надградување. Оваа образовна насока веќе не се смета за алтернатива, туку станува прв избор на сè поголем број млади во државата, истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на конференција посветена на развојот на стручното образование и обука во земјата.
Настанот беше организиран од Швајцарската амбасада и проектот Е4Е – „Образование за вработување“, каде министерката ја презентираше визијата и конкретните чекори за унапредување на оваа сфера.
– Целиме кон извонредност во средното стручно образование. Донесовме нов Закон со кој го уредивме концептот на дуално образование, го јакнеме системот преку регионални центри, нови струки и зголемен број на компании вклучени во практичната обука – изјави Јаневска.
Таа информираше дека за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во новата учебна година се обезбедени 1.570 стипендии во вредност од 50 милиони денари (приближно 812.000 евра), што претставува силен поттик за младите да се насочат кон професии кои се во корелација со реалните потреби на стопанството.
Министерката истакна дека вложувањата веќе даваат резултати – во јунскиот уписен рок, во средните стручни училишта биле запишани повеќе од двојно ученици во споредба со гимназиите.
На конференцијата беше промовирано и пристапувањето на Македонија кон мрежата „WorldSkills Europe“, што ќе овозможи вклучување во меѓународни натпревари, како и размена на знаења и искуства со земјите-членки.
– Ќе ги искористиме можностите што ги нуди мрежата. Ќе ни користат добрите практики и пошироките сознанија за најефикасно насочување на инвестициите во модернизација на објектите за стручна обука – рече Јаневска.
Целта, нагласи таа, е висока младинска вработеност преку образование што ги следи европските стандарди и пазарни потреби.
На настанот се обрати и амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Вероник Улман, како и Нино Буиќ од Агенцијата за стручно образование на Хрватска. Тие ја потврдија посветеноста на Македонија кон зголемување на квалитетот на стручното образование, оценувајќи ги реформите како охрабрувачки и во согласност со европските стандарди.