Иранската војска минатиот месец натоварила подводни мини на бродови во Персискиот Залив, со што дополнително се зголемиле загриженостите во Вашингтон дека Техеран се подготвува да го блокира Ормускиот теснец по серијата израелски воздушни напади врз цели низ Иран, пренесуваат британските медиуми повикувајќи се на двајца американски претставници.
Според тие извори, кои зборувале под услов да останат анонимни поради чувствителноста на информациите, минирањето било откриено од американските разузнавачки служби, а се случило неколку дена по нападот на Израел врз Иран на 13 јуни.
Иако минираните бродови не се активирани во теснецот, ваквиот потег сугерира дека Техеран сериозно размислува за блокирање на еден од најважните водни патишта на светот, што би имало огромни последици по светската трговија и енергетскиот пазар.
Ормускиот теснец е клучна артерија за околу 20% од глобалната трговија со нафта и гас. Секоја блокада може да предизвика нагло зголемување на цените на енергијата. Иако цените на нафтата паднаа за над 10% по американските напади врз иранските нуклеарни постројки, опасноста од прекин во снабдувањето останува висока.
На 22 јуни, иранскиот парламент го поддржа затворањето на теснецот, откако американската војска уништи три клучни ирански нуклеарни постројки. Одлуката не беше обврзувачка, но беше знак дека иранските власти сериозно го разгледуваат потегот, кој во последна инстанца би го одобрил Врховниот совет за национална безбедност.
Иако Техеран и претходно се заканувал со блокада на теснецот, таквиот чекор никогаш не бил реализиран. Американските претставници не исклучуваат можност минирањето да било намерна заблуда – дел од стратегија за психолошки притисок врз Вашингтон, без реална намера за напад.
Ормускиот теснец ги поврзува Персискиот со Оманскиот Залив, и во најтесниот дел е широк само 34 километри. Самата бродска линија по која минуваат танкерите е широка околу 3 километри во секој правец. Теснецот е од клучно значење за извозот на нафта од членките на ОПЕК, како Саудиска Арабија, Кувајт, Ирак и ОАЕ, како и за испораките на течен гас од Катар и Иран.
Иако иранската економија зависи од истиот теснец, Техеран во изминатите години вложувал значителни ресурси за да биде во состојба да го блокира при потреба – што го прави ова стратешко подрачје постојана точка на глобална тензија.