На фудбалскиот терен на Ф.К. Вардар во Скопје во присуство на повеќе од 70 атлети и 40 тренери, волонтери и членови на семејствата од Скопје, Тетово, Штип и од Струмица, вчера заврши одбележувањето на Европска фудбалска недела на Специјална олимпијада Македонија, која се одбележува по 22 пат на ниво на Европа.
Европската фудбалска недела 2022 е иницијатива на Специјална олимпијада, која по две години пауза поради пандемијата од ковид, повторно ги врати атлетите на терен, во својот традиционален термин во мај, со цел да го искусат задоволството на фудбалот и инклузивното спортување.
– Подавање на фудбалската топка, голови, гласно навивање и радост на терен ја карактеризираат оваа Европска фудбалска недела на Специјална олимпијада Македонија. По две години пауза, успеавме да ги вратиме нашите атлети на активен спорт, и со нив и фудбалерите на ФК Вардар да ја прикажеме моќта на Јунифајд фудбалот и спортувањето. Благодарност до сите поддржувачи кои ни овозможуваат да ги реализираме активностите на Специјална олимпијада Македонија во континуитет – вели Драган Караџовски, национален директор на Специјална олимпијада Македонија.
Покрај полигонот и фудбалските мечеви меѓу атлетите на фудбалерите на ФК Вардар, во рамки на Европската фудбалска недела беше одржана и работилница за Јунифајд концепт на спортување кој е една од алатките за социјалната инклузија.
Според истражувањето кое беше спроведено меѓу присутните на работилницата, во организациите и клубовите каде тие работат може да се спроведе Јунифајд спорт, во кошарка, фудбал, пливање и атлетика.
Реализацијата на активностите на Специјална олимпијада Макеоднија е поддржана со институционален грант на Цивика Мобилитас.
Специјална олимпијада Македoнија во земјава е формирана во 2003 година под акредитација на Специјална олимпијада, која е основана од Јунис Кенеди Шрајвер во 1968 година и денес брои 6 милиони атлети и јунифајд партнери во 190 земји ширум светот. Под мотото „Дозволи ми да победам, а ако не можам, дозволи ми да бидам храбар во обидот“ организацијата во земјата ја остварува својата мисија, а тоа е да овозможи спортски натпревари и тренинзи во различни олимписки спортови за деца и возрасни со интелектуална попреченост, давајќи им постојани можности да ја развијат физичката кондиција, да покажат храброст, искусат радост и да учествуваат во споделување на вештини, знаења и пријателства со нивните семејства и останатите атлети на Специјална олимпијада и заедницата.