Селектиран број медиумски претставници на државен трошок ќе го следи Преспа форумот за дијалог што ќе се одржи од 16 до 18 јуни во Охрид, во организација на Министерството за надворешни работи (МНР), дознава Плусинфо.
Како што дознаваме, за одреден број акредитирани новинари, сниматели и фоторепортери ќе биде обезбедено бесплатно хотелско сместување, како и превоз со комбе од Скопје до Охрид, за што ќе се знае поточно во наредните денови. Изворите на Плусинфо посочуваат дека поради големиот интерес за форумот, пред сè, на новинари од странство, само одреден број македонските новинари ќе може бесплатно да присуствуваат на Форумот.
Испративме прашања до Министерството за надворешни работи, обидувајќи се да добиеме официјална потврда на нашите информации, односно дали во организацијата на Преспа форумот за дијалог е предвидено да се носат новинари на сметка на Министерството за надворешни работи, но до моментот на објавувањето на текстот не добивме одговор.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) пред некој ден реагираше на трендот новинари од приватни медиуми да се носат на патувања на државна сметка, како дел од државни делегации. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, смета дека треба да се следи логиката на пазарот кога се во прашање приватните медиуми, односно редакциите сами да одлучуваат каде да испраќаат новинари, а тоа да биде платено од сметката на медиумот.
Плусинфо претходно пишуваше дека Владата го платила патувањето и сместувањето на 34 новинари, сниматели и на фоторепортери во Софија, за време на меѓувладината седница на владите на Бугарија и на Македонија, одржана на 25 јануари годинава. А по посетата на владината делегација на Рим и на Ватикан во која влегоа и избрани медиумски претставници, од ЗНМ реагираа дека не смее да се дозволи на еден настан да се носат новинари од одредени медиуми и така да се фаворизираат одредени редакции.
Ставот на Плусинфо е дека новинарите не смеат да патуваат на државен трошок и дека тоа претставува класичен пример на корупција на медиумите.