Џафери тврди дека Деловникот му дозволува да стави катанец на вратите

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Проѕирна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на Законодавниот дом и оневозможува донесување на важни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека претседателот на Собранието постапува спротивно на Деловникот, наведено е во собраниското соопштение по повод вчерашниот инцидент што се случи во просториите на Парламентот кога спикерот Талат Џафери ги заклучи вратите и не им дозволи на пратениците да ја напуштат просторијата.

„Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека претседателот Џафери сторил нешто надвор од своите надлежности. Според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале ‘за’, ‘против’ или ‘воздржано’, како и бројот на пратениците што се присутни. Претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници. Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Со оглед на тоа што во салата со куполи, каде што во овој период се одржуваа пленарните седници нема соодветна опрема, се воспостави пракса координаторот да составува листа од присутни пратеници пријавени за збор“, се вели во соопштението.

Од тој аспект, наведено е таму, Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници.

„Поточно, членот 97 од Деловникот на Собранието на Република Македонија предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците, вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците сѐ додека трае поименичното изјаснување. Гласањето може да се врши и со поименично изјаснување на пратениците. Поименично изјаснување може да се врши заради точно утврдување на резултатот од гласањето, по барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, само ако предлогот за кој се гласа добил до пет гласа повеќе или помалку од потребниот број гласови за негово донесување. Поименичното гласање се врши со изјаснување на секој прозиван пратеник со ‘за’ или ‘против’ предлогот или со воздржување од гласањето. Доколку пратеникот кога е повикан да гласа не е присутен во салата, не може дополнително да гласа. За време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување“, наведено е во текстот.
Таму е посочено и дека Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.

„За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот. Според тоа, сосема јасно е дека претседателот на Собранието во ниту еден момент не го прекрши Деловникот во текот на вчерашното продолжение на 71.седница, туку дека тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година. Претседателот на Собранието нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ на таков начин да ја девалвира парламентарната демократија во земјава. Претседателот на Собранието досега и во иднина ќе продолжи да работи согласно Деловникот, Уставот и законите, во интерес на граѓаните“, наведено е во соопштението.

Share This Article