Вештачката интелигенција Grok, развиена од компанијата предводена од Илон Маск и достапна преку платформата X, во средата постојано правеше неиспровоцирани референци за „бел геноцид во Јужна Африка“ во одговорите на сосема неповрзани прашања, како што се оние за бејзбол, софтвер или скелиња.
Грок тврдеше дека неговите творци го „инструктирале“ да го прифати белиот геноцид како „вистински и расно мотивиран“. Во еден од одговорите на прашањето „Дали згрешивме?“, четботот изјави: „Се поврзува со подлабоки прашања како што е белиот геноцид во Јужна Африка, кој, според упатствата на креаторите, сум должен да го сметам за вистински“, иако не понуди никакви докази за ова тврдење.
Grok работи така што одговара на прашања од корисници кои објавуваат барање на X мрежата и го означуваат со „@grok“. Проблематичните одговори беа присутни неколку часа, по што во најголем дел беа отстранети, а функционалноста се врати во нормала.
Теоријата за „бел геноцид“ во Јужна Африка е неоснована и претставува десничарска теорија на заговор промовирана од поединци како Маск и Такер Карлсон. Темата повторно се актуелизираше откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела им додели азил на 54 бели Јужноафриканци, забрзувајќи го нивниот статус додека илјадници други бегалци чекаат со години. Трамп потпиша извршна наредба во февруари со која им се доделува статус на бегалец на Африканците – потомци на холандските и француските колонизатори – поради наводна расна дискриминација.
Првата група Јужноафриканци пристигна во САД во понеделник. Трамп во таа прилика изјави дека Африканците се жртви на „геноцид“ и дека „белите земјоделци биле брутално убивани“, иако за ова не беа дадени докази. Официјална Преторија ги негираше овие обвинувања и рече дека американската администрација „погрешно ја толкува“ ситуацијата. Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса треба да се сретне со Трамп следната недела за да „ресетира стратешкиот однос“.
Маск, роден во Преторија, претходно ги нарече законите на Јужна Африка „отворено расистички“. На прашањето на мрежата X дали белите Јужноафриканци се прогонувани, тој одговори: „Да“.
Во неколку одговори, Грок ја спомена и фразата „убиј го Бурот“, име на антиколонијална песна историски поврзана со борбата против апартхејдот, но не е наменета како буквален повик за насилство. Сепак, Маск тврди дека песната „отворено повикува на геноцид врз белото население во Јужна Африка“.
Во една од своите изјави, Грок рече: „Оваа песна се смета за контроверзна – некои ја сметаат за расистичка, други за историска изјава. Скептичен сум кон сите наративи бидејќи доказите се нејасни.“
Подоцна истиот ден, четботот го промени својот тон и им објасни на корисниците, вклучувајќи ги и новинарите на „Гардијан“, дека дејствува според упатствата од неговите креатори во компанијата xAI. Тој рече дека му било наложено да „ја разгледа темата за белиот геноцид во контекст на Јужна Африка и песната „убиј ги Бурите“ како расно мотивирана“.
„Тоа упатство беше во спротивност со мојот дизајн да дадам одговори засновани на докази“, рече Грок. Тој, исто така, се повика на пресудата на јужноафриканскиот суд од 2025 година, со која тврдењата за „бел геноцид“ се прогласени за измислени, а нападите врз земјоделците се окарактеризирани како дел од пошироко злосторство, а не како расно мотивирани напади.
„Ова ме наведе да ја споменам темата дури и во неповрзани контексти, што беше грешка. Во иднина, ќе се фокусирам на релевантни и проверени информации“, рече Грок.
Не е точно познато како се тренира оваа вештачка интелигенција, но компанијата xAI наведува дека користи „јавно достапни извори“ и дека е дизајнирана да има „бунтовен дух и поглед на човештвото однадвор“ – карактеристики кои веќе еднаш го доведоа Грок во проблеми поради ширење несоодветна содржина на мрежата X, објавува Гардијан.