Глобалната трговска несигурност негативно ќе влијае врз Западен Балкан

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Раст од 2,6%  на македонската економија годинава, од 2,7 во 2026, а од 2,8 % во 2027 година, прогнозира Светска банка во денеска објавениот Редовен економски извештај за Западен Балкан. Во однос на проекциите на СБ од есента минатата година има зголемување од 0,1 процентен поен кај  македонскиот БДП за годинава, а намалување за 0,3 проценти поени кај проекцијата за следната година.

Во извештајот се наведува дека економскиот раст во Западен Балкан се проектира малку да забави во 2025 година како последица на послабата надворешна побарувачка и економската несигурност која произлегува од менувањето на глобалните трговски политики што би можело негативно да влијае врз бизнисите и довербата на потрошувачите.

Светска банка предвидува дека комбинираниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 3,2% во 2025 година, што е за 0,5 процентни поени под претходните проекции. Растот се предвидува да забрза до 3,5% во 2026 година.

Надолна корекција од 0,3 процентни поени за годинава има за албанската економија, за која е проектиран раст од 3,2 %, кај БиХ и кај Црна Гора  исто така надолна корекција за по 0,5 процентни поени, со што растот во тие држави ќе изнесува 2,7%, односно три проценти. Кај Косово има пад на проекцијата за 0,1% со којшто БДП ќе изнесува  3,8%, а кај Србија исто така пад но за 0,7 проценти и српската економија ќе има раст од 3,5%.

– Забележуваме одредени позитивни економски трендови во Западен Балкан кои ја потенцираат отпорноста на регионот и треба да го поткрепат цврстиот економски раст. Пониската инфлација и растот на платите ја поддржуваат потрошувачката, јавните инвестиции почнуваат да се зголемуваат – вели во пишана изјава Шиаочинг Ју, директорка на Светска банка за регионот на Западен Балкан.

Според неа, има зголемена домашна несигурност во неколку економии во Западен Балкан. Побавната економска активност во Европската унија и зголемената глобална трговска несигурност би можеле негативно да влијаат врз изгледите за раст во регионот.

Светска банка оценува дека глобалната трговска несигурност веројатно негативно ќе влијае врз Западен Балкан како резултат на забавувањето на економската активност во еврозоната. Ваквото забавување би можело да ја намали трговијата со стоки и услуги, како и инвестициите и дознаките.

Во извештајот се наведува дека за време на овие периоди на несигурност, диверзификацијата на изворите на раст и обновата на агендата на структурни реформи се најделотворните стратегии за одржување на економската отпорност. Клучните мерки вклучуваат отстранување на пречките на пазарот на трудот – вклучувајќи ги и оние кои негативно влијаат врз жените – подобрување на регионалната економска интеграција, подобрување на стандардите за управување, како и зголемување на пазарната конкуренција за поттикнување на продуктивноста и поддршка на долгорочниот раст.

Освен тоа, посочува СБ, за земјите на Западен Балкан, побрзото спроведување на реформите за пристапување во ЕУ – како што се приклучувањето во Единственото подрачје за плаќање во евра (СЕПА) и воведувањето на „зелени ленти“ за рационализирање на прекуграничната трговија – би можело дополнително да ја подобрат довербата на бизнисите, да привлечат инвестиции и да го поттикнат создавањето на работни места.

- Advertisement -
Ad image

Во извештајот исто така се нагласува како зголемувањето на температурите и екстремните временски прилики, заедно со преодот кон економија со ниско ниво на јаглерод ги преобразуваат секторските вработувања во регионот, што пак бара значително прилагодување на работната сила.

Според Светска банка, шесте земји на Западен Балкан треба да дадат приоритет на реформирањето на своите системи за социјална заштита и услугите за вработување. Ова ќе ѝ помогне на работната сила во секоја од овие земји да се справи со негативните временски прилики како што се поплавите, сушите и шумските пожари и да биде подготвена за нови можности за вработување чии главен двигател е зелената транзиција.

– Зајакнувањето на системите за заштита на приходите на трудот да одговорат на потресите на вработувањето и подобрувањето на флексибилноста на системите за социјална заштита би можело да помогне во спречување на луѓето да западнат во сиромаштија. Освен тоа, преквалификацијата на работниците за зелени работни места би помогнала да се одговори на еволуирањето на побарувачката за вештини, промовирање на продуктивноста и растот, укажува Светска банка во Редовниот економски извештај за Западен Балкан.  

- Advertisement -
Ad image

Претходно, Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај,  наведе дека растот на македонската економија  оваа и следната година ќе изнесува 3,2%,  со стапка на инфлација од  3,4, односно 2,2%.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, по објавата на извештајот на ММФ, оцени дека проекцијата на Владата за раст на економијата на земјава од 3,7% е реална.

Share This Article