Не сте сигурни дали пролетното сонце може да ги надополни вашите резерви на витамин Д? Експертите откриваат се што треба да знаете за неговите придобивки.
Витаминот Д, познат и како сончев витамин, всушност е хормон (има стероидна структура) и учествува во бројни процеси во телото. Речиси и да нема органски систем во нашето тело каде што не промовира подобро здравје, вклучително и важна улога во нашиот имунитет.
Според клиниката Мајо, витаминот Д е хранлива материја која е првенствено потребна за градење и одржување на здрави коски. Телото може да го апсорбира калциумот, основната компонента на коските, само кога има витамин Д, поради што децата до една година редовно се надополнуваат со овој витамин.
Витаминот Д, исто така, регулира многу други клеточни функции – неговите антиинфламаторни, антиоксидантни и невропротективни својства го поддржуваат здравјето на имунитетот, мускулната функција и активноста на мозочните клетки.
Постојат две најпознати форми на витамин Д – витамин Д2 (ергокалциферол) и Д3 (холекалциферол). Според досегашните сознанија, витамините Д2 и Д3 имаат слични ефекти во човечкото тело, иако витаминот Д2 е помалку биолошки активен.
Хроничен недостаток
Се проценува дека дури половина од светската популација има недоволно ниво на витамин Д, а професионалните здруженија препорачуваат суплементација на витамин Д во сите возрасни групи. Витаминот Д е класифициран како витамин растворлив во масти. Ова значи дека кога го земате во форма на додаток, тоа треба да го правите со оброк.
Меѓутоа, телото произведува 80 до 90 отсто од витаминот Д3 преку самата кожа, а само 10 до 20 отсто се апсорбира преку храната. За телото да произведе витамин Д, потребна е одредена доза на УВБ зраци или сончева светлина. Овие зраци продираат во горните слоеви на кожата пред да го активираат производството на витамин Д3 преку различни средни чекори. Ако телото прима малку или воопшто не прима сончева светлина, не може да произведе витамин Д, што е случај во зима или во месеците од октомври до март.
Кога телото почнува да произведува многу витамин Д?
Кога во пролетта за прв пат сонцето повторно ќе сјае силно, многу луѓе го држат лицето кон сонцето, надевајќи се дека телото веднаш ќе почне да произведува витамин Д. Но, дали слабите зраци во првите месеци од годината се доволни за да се стимулира производството?
За жал не. Човечкото тело може да произведе витамин Д само до одреден момент, без разлика колку топло изгледа нежното пролетно сонце. Едноставно сме во погрешна топлинска зона. Од средината на октомври до крајот на март, аголот на инциденца на сончевите зраци се уште е премногу директен – дури и напладне. Причината за ова е едноставна: колку е поостриот агол под кој сончевите зраци ја погодуваат земјата, толку е подолг нивниот пат низ озонската обвивка. Ова исто така значи дека дел од УВ зрачењето се губи и зраците повеќе не се доволни за производство на витамин Д. Во април, тој агол почнува да станува поостар.
Како по правило, можете да го следите ова – ако вашата сенка е подолга од вашата висина, за жал нема значително производство на витамин Д. За телото да произведува витамин Д преку кожата, аголот на висината на сонцето над хоризонтот мора да биде најмалку 42 степени.
Патем, колку сте посеверно во Европа, толку се пократки интервалите во кои аголот на паѓање на сонцето е доволен. Тогаш, дури и во летните месеци, сонцето не може да биде доволно високо во утринските и вечерните часови.
Ако сакате да ги надополните резервите на витамин Д на почетокот на пролетта или на крајот на летото, можете да ги користите достапните апликации или калкулатор за да ја одредите висината на сонцето. Сè што треба да направите е да ја внесете вашата локација и да изберете во кое време сакате да се сончате. Калкулаторот потоа ќе го покаже аголот и ќе можете да видите дали е можно производството на витамин Д.
Типот на кожа исто така игра улога
Количината на витамин Д произведена од кожата зависи и од многу фактори, не само од сезоната и географската ширина каде што живееме, туку и од времето на денот и пигментацијата на кожата.
Колку е почувствителна вашата кожа на сончева светлина, толку побрзо произведува витамин Д. На луѓето со темна, помалку чувствителна кожа им треба повеќе сончева светлина, додека на луѓето со светол тен им треба помалку. Значи, ако имате темна кожа, вашето тело почнува да произведува витамин Д само кога е изложено на уште поинтензивно зрачење.
Избегнувајте пладневно сонце во лето
Во лето, во зависност од типот на вашата кожа, доволно е само 15 до 30 минути дневна светлина за телото да произведе доволно витамин Д3, дури и ако е облачно. Со цел телото да произведува витамин Д во летните месеци, сонцето е најдобро помеѓу 11 и 15 часот (најидеалното време теоретски би било околу 13 часот), меѓутоа, заради здравјето на кожата, треба да избегнувате силна сончева светлина во овој момент бидејќи значително го зголемува ризикот од оштетување на кожата и развој на рак. Не го потценувајте сонцето и секогаш нанесувајте добар крем за сончање. Кремот за сончање, иако е важен за спречување на рак на кожата, може да го намали и производството на витамин Д.
Во храната и суплементите
Во текот на летото, побезбедно е да посегнете по други извори на овој сончев витамин. Природно не се наоѓа во многу намирници, но можете да го добиете од збогатено млеко, збогатени житарки и масни риби како лососот.
Ако вие или вашиот лекар се сомневате дека не внесувате доволно витамин Д, можете да го проверите нивото на овој витамин во крвта со едноставен тест на крвта и, доколку имате недостаток, да земете додаток во исхраната. Секогаш треба да разговарате за суплементацијата со вашиот лекар или фармацевт поради можни интеракции со лекови што можеби ги земате како третман за хронични болести.