Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ги разбира аргументите на сите заинтересирани страни, кога станува збор недела неработен ден, меѓутоа, нагласи тој, тоа е решение кое што е за работниците кое силно го поддржува.
-Јас сум работел и во фабрика, сум бил и работник, сум бил и менаџер, сум бил и сопственик и знам колку е значајно за работниците да бидат заедно со своите семејства бидејќи на тој начин можат и подобро да ги воспитуваат децата и да им се посветат барем еден цел ден во неделата – истакна Ковачевски.
Решението за недела неработен ден почна да се применува од 1 јануари годинава, а премиерот истакна дека јасно кажал за тоа дека законското решение за недела неработен ден мора да се почитува.
– Јас сум на страната на работниците. Тоа повторно го повторувам. Секој работник има право во недела да биде со своето семејство, да го помине заедно со своите деца, да го помине со своите блиски и да одвои време за себе и тоа е основната претпоставка на овој закон како што постои законот во најголем дел од западноевропските држави – рече Ковачевски.
Тој нагласи дека евентуално усогласувања на законското решение е можно само доколку со него е испуштена некоја дејност.
-Јас побарав средба со Стопанската комора каде разговаравме на оваа тема. Истиот ден и министерката Тренчевска беше таму и имаше состанок со Управниот одбор. Законското решение за недела неработен ден е донесено низ дијалог и низ инклузивен процес на стопанските комори, на другите асоцијации на деловната заедница заедно со МТСП во рамки на Економско-социјалниот дијалог, во кој учествуваат и економските ресори од Владата – изјави Ковачевски.
Сите па и општините, како и Владата треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците од енергетската криза, истакна премиерот, кој се осврна на најавената средба со претставниците на ЗЕЛС во врска со погоденоста на општините од енергетската криза.
-Нормално дека состанок ќе се одржи. Ќе се одржуваат состаноци. Јас имам комуникација како премиер со градоначалниците на теми коишто ги засегаат и сум имал особено како заменик-министер за финансии. Меѓутоа, има една работа, а тоа е дека сите во оваа криза треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците од кризата. Општините, односно градоначалниците прво своите изборни програми и сите ветувања коишто ги даваа коишто беа – најголемата инфлација беше во ветувањата. Тоа беа ветувања коишто кога ќе ги ставите на хартија се прашувате на кој начин ќе се финансираат и сега одеднаш гледаме дека тие ветувања ни на интернет не можете да ги најдете – дополни премиерот.
Премиерот воедно апелира и до пратениците на движењето Беса да се однесуваат како опозиција во Собранието и да ја деблокираат работата на собраниските комисии со прифаќање на распределбата на местата во комисиите согласно со владиното мнозинство.
-Упатувам апел до Собранието и до политичките партии во Собранието дека согласно со распределбата на местата во комисиите и согласно со владиното мнозинство кое што е зголемено во рамките на оваа Влада и кое што е поддржано со 64 пратеника, со оглед на тоа што една од партиите која што беше дел од владата до изборот на оваа Влада реши да оди во опозиција, треба таа партија така да се однесува. Вие не можете во четврток да бидете претпоставена власт, во четврток навечер да сфатите дека не сте власт и во петок да кажете сабајле слушајте ние погрешивме не мислевме вака, сега сакаме да бидеме власт, а да сме опозиција – заклучи тој.