Артилериските системи што САД ѝ ги доставија на Украина не биле опремени со напредни компјутерски системи кои ја подобруваат ефикасноста и прецизноста на оружјето, пренесува Мондо. Хаубиците М777 155 мм украинската армија сега ги користи во војната со Русија. Пентагон не ја негира информацијата дека оружјето е испратено без овие битни делови.
Доколку е инсталиран во хаубица, дигиталниот компјутерски систем му овозможува на екипажот што го контролира оружјето брзо и прецизно да ја одреди целта. Хаубиците без компјутерски систем сè уште можат прецизно да се пукаат, користејќи традиционални методи за пресметување на аголот потребен за погодување на целта. Меѓутоа, современите компјутерски системи ја исклучуваат можноста за човечка грешка.
Нејасно е зошто артилериското оружје испорачано во Украина немало вградена технологија за дигитален нишан. Пентагон соопшти дека нема да разговара за поединечните компоненти „од оперативни безбедносни причини“.
Соработникот на Еј-Би-Си Њуз, Стив Ганџард, пензиониран полковник во Маринскиот корпус на Соединетите Држави, рече дека причината за недоставувањето на компјутерот била „компромис“.
– Тоа е проценка на ризик што САД ја прават со каков било извоз. Ако овој дел од комплетот заврши во Москва, каква ќе биде штетата за безбедноста на САД? – рече тој.
Во украинските политички кругови веќе постои фрустрација затоа што Американците сѐ уште немаат испорачано одредени видови напредно оружје. Проблемот со испорачаните хаубици ја продлабочи таа фрустрација.