Никој во Македонија не е особено среќен од понуденото место во т.н Европска геополитичка заедница, но како што стојат работите, тоа во моментов е единствената понуда за евроинтеграција.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, вчера во Белград му го претстави на српскиот претседател Александар Вучиќ концептот за Европската геополитичка заедница, која според него, ќе им помогне на земјите кои сакаат да се приклучат на Европската Унија, бидејќи тоа ќе го олесни нивниот процес на зачленување. Според извештаите, предлогот на Мишел е заснован на идејата на Емануел Макрон, кој пред неколку дена јавно проговори дека во светло на украинската криза, ЕУ треба да размислува на формирање на нова заедница, која ќе ги обедини земјите кандидати. Макрон говореше дека предложената заедница ќе се заснова на безбедносна и на енергетска платформа.
– После Франција, сега и ЕУ го поддржува формирањето на Европската геополитичка заедница. Со посетата на Мишел во Белград и средбите со Александар Вучиќ и со Ана Брнабиќ ни станува јасно дека формирањето на заедницата е повеќе од веројатно. Според изјавите на Вучиќ, тој ја поддржува идејата за формирањето на ваква заедница и дека може да се смета на членството на Србија во таа заедница. Дали со овој потег Србија почнува да ѝ „врти грб” на Русија останува да видиме – вели за Плусинфо, политикологот Димитар Христов.
Тој додава дека македонската реакција мора да биде слична на српската, односно дека нашата земја не смее да се откаже од какво било интегрирање, иако е свесен дека тоа нема да биде исто како и да се стане полноправна членка на ЕУ.
– Кога станува збор за Македонија, ние како држава со аспирации за члентсво во ЕУ не смееме да ја пропуштиме оваа шанса да бидеме дел од оваа заедница и преку неа да ни се олесни патот кон ЕУ. Можноста да се седи рамо до рамо со најголемите европски сили и да се одлучува за мирот и стабилноста во Европа не смееме никако да ја пропуштиме. Во моментов ние како мала држава не смееме да ја гледаме Европската геополитичка заедница како „втора лига”, и што е можно побрзо треба да прифатиме да бидеме дел од неа. Подобро членови во „втора лига” отколку воопшто никаде да не постоиме на политички план во Европа – тврди политикологот.
Македонските политичари внимателно се изјаснуваат околу предлогот на претседателот на Европскиот совет, а сите до еден потенцираат дека тоа не смее да биде замена за полноправното членство во Унијата.
Премиерот Димитар Ковачевски телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон за предлогот кој што тој но и првиот човек на Европскиот совет го дадоа за формирањето на Европската геополитичка заедница. По разговорот, премиерот ја даде следната изјава.
– Новата геополитичка ситуација во светот и во Европа особено со оглед на војната која што се води во Украина по агресијата на Русија, секако дека налага ЕУ како најголема заедница на држави во Европа да го размислува својот понатамошен развој, но, сепак, во Европската Унија постои процесот на проширување во кој што процес ние сме дел – рече Ковачевски.
За разлика од премиерот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочи дека Македонија не би смеела да се задоволува со утешна награда.
– Тоа е стар предлог на Франција, но она што е ново е што Владата на Ковачевски не дава отпор. Владата во Македонија не смее да се согласува на утешителни награди кои служат како алтернатива на Европската Унија. Тоа претставува изневерување на нашите искрени намери за членство во Унијата. Таквите предлози треба побрзо да се отфрлат, затоа што е преголема нашата инвестиција во Европската Унија – изјави Мицкоски во интервјуто дадено за Дојче веле.
На заедничката прес-конференција по средбата со Вучиќ, Мишел додаде и дека новата платформа (Европската геополитичка заедница) ќе даде можност за редовна размена на мислења на највисоко ниво, што ќе го зголеми „взаемното политичко разбирање меѓу вклучените страни“.
Потврдено е дека на 23 јуни шесторката лидери од Западен Балкан (Македонија, Србија, Косово, Албанија, БиХ и Црна Гора) ќе се сретнат во Брисел за да ги прошират дијалогот и соработката. Најверојатно тогаш на претставниците на овие земји, ќе им бидат предочени деталите за членството во Европската геополитичка заедница.