Што и како работи Одделението за сериозен и сложен криминал во ОЈО Скопје, со кое раководи обвинителот Гаврил Бубевски, поранешен прв соработник на Чарлиевата ангелка Катица Јанева од СЈО?
Оние што внимателно ги следат состојбите во македонското правосудство, се сеќаваат дека на 14 септемрв 2024 година, прес-центарот на Јавното обвинителство соопшти дека во координација со Јавниот обвинител на РСМ и со Основниот јавен обвинител, во скопското Основното јавно обвинителство беше донесено дополнение на Годишниот распоред за работа на јавните обвинители во тоа обвинителство. Со тоа дополнение беше формирано посебно одделение за сериозен и сложен криминал.
Според соопштеното, одделението треба да постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор, сложени предмети со поголем број крибични дела, повеќе обвинети и поголем обем на докази, предмети во кои се спроведуваат финансиски истраги и предмети „од исклучителен интерес на јавноста“.
Патот поплочан со добри намери…
Тогаш беше наведено дека потребата од ваква организациска промена во работата на ОЈО Скопје се наметнала поради забележаните состојби и приливот на предмети во текот на 2024 година, кои опфаќаат сериозни и сложени облици на криминал. Сложеноста на состојбата педантно е измерена преко неколку „индикатори“, меѓу кои се и измените на Кривичниот законик (особено во однос на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353), кои предизвикале промени во однос на стварната надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), со кое раководи Ислам Абази. Имено, голем дел од предметите во претходна постапка за член 353 став 5 од Кривичниот законик сега се доставуваат на стварна и месна надлежност на ОЈО Скопје.
Формирањето на новото одделение се оправдува и со измената на членот 98-а од истиот закон, за проширена конфискација, што бара зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражната постапка, заради навремени финансиски истраги.
Исто така, при тековното предметно работење и следење на состојбите со криминалитетот, забележани се облици на сериозен и сложен криминалитет, првенствено кривични дела против животот и телото, против здравјето на луѓето, против службената должност и против јавните финансии на територијата под надлежност на ОЈО Скопје. Главна одлика кај овие кривични дела се големиот број инволвирани лица и правни субјекти, сложеноста на дејствијата кои треба да се испитаат и утврдат и да се детектираат во целина настапените штетни последици, како законско обележје на кривичните дела. Сторителите се почесто користат разни механизми за прикривање и на кривично-правни дејствија, а тоа ја усложнува истражувачката активност и бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на овие облици криминал.
Во соопштението тогаш беше нагласено дека новото одделение, со квалитативен и квантитативен капацитет за гонење на сериозен и сложен криминал, треба да им даде соодветен стимул и на правосудната полиција во нејзината откривачка функција, како и на сопствените истражителски капацитети во истражниот центар, преку ефективно насочување на дејствијата и мерките во предистражна постапка.
Но, како што вели поговорката, патот до пеколот често е поплочан со добри намери…
Нова инсталација на поранешниот Јавен обвинител Љубомир Јовевски?
Многумина тогаш забележаа дека Одделениете формирано во рамките на ОЈО Скопје е пандан на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Похрабрите го поставија прашањето што значи ова двојство и дали можеби се бара тајна замена за шефот на ОЈО ГОКК Ислам Абази, кој важеше за човек под директна контрола на ДУИ.
Други, пак, се посомневаа дека скриена намера со формирањето на новото Одделение е да се оствари целосна контрола над предметите кои ќе се водат главно против функционери од поранешната власт. Според овие стравувања, идејата беше тие предмети да се кријат по фиоки, да се забошотуваат или да се насочуваат во погрешна насока, за луѓето против кои се водат истраги да имаат доволно време и можности да влијаат врз сведоците, да ги средуваат „папирите“, да влијаат врз обвинителите и на крајот да остваруваат предност во судските постапки.
Доказ дека во целата работа има некаква „квака“ е фактот што ова одделение набрзина се пополни со обвинители со недоволно искуство, а остана нејасно и тоа што точно се подразбира под поимот „сложен и сериозен криминал“. Законот не познава таква терминологија.
Во оваа оделение, на пример, е „прекомандувана“ и Ирина Спасова, ќерката на поранешната обвинителка Лиле Спасова. Без да ги оспоруваме квалитетите на Спасова јуниор, само ќе потсетиме дека во јавнообвинителските кругови незјината мајка Лиле Спасова беше позната како „десна рака“ на поранешниот државен јавен обвинител Љубомир Јовевски, за чија блискост со поранешната извршна власт на чело со Зоран Заев не треба да се трошат многу зборови.
Ирина Спасова за јавен обвинител во ОЈО Скопје е избрана во јули 2023 година. Една година подоцна, таа е распоредена во „елитната единица“ на ова обвинителство. Добрите познавачи велат дека таа има и законска пречка да биде дел од ова одделение, бидејќи во Законот за јавно обвинителство, во членот 62 став 2 се вели: ,,Јавен обвинител во основно јавно обвинителство со јавнообвинителски стаж до три години, може да постапува во основното јавно обвинителство во кое е избран само по предмети за кои е пропишана надлежност за постапување на основните судови со основна надлежност“. Тоа значи дека обвинителите со работен стаж до 3 години можат да постапуваат по предмети каде предвидената казна затвор е максимум до 5 години.
Голема дилема е дали ќерката на поранешната обвинителка Лиле Спасова, поранешен прв заменик на продолжената рака на СДСМ во Јавното обвинителство, Љубомир Јовевски, со неполни 3 години стаж во јавнообвинителското работење, може да постапува во предмети кои се под „надлежност“ на новоформираното одделение во ОЈО Скопје. Како таа ќе постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор, на пример? Како ќе се справува со предмети со поголем број обвинети и голем обем на докази, со предмети во кои се спроведуваат финансиски истраги и слично?
Во новоформираното одделение на ОЈО Скопје има обвинител со стаж од одвај една година и неколку месеци. Човекот можеби не е виновен што влегол на голема врата таму каде што не му е местото, но неговиот избор ја засилува дилемата која е вистинската намера на креаторите на оваа „специјална единици“ во скопското ОЈО. Дали со поставување некомпетентни и недоволно спремни обвинители се сака, всушност, да се компромитират предметите кои ќе се „сработат“?
Дали идејата е така „сработените“ предмети да бидат испраќани во надлежните судови, каде што ќе се соочуваат со бескрајни одолговлекувањата на постапките до застареност, или со неквалитетни осудителни пресуди во прв степен, кои потоа ќе ги укинува Апелација?
За сложени предмети сложени луѓе – како се „прославија“ Бубевски и Спасовска?
Според одребите од постоечките законски решенија, Јавното обвинителство ја следи судската надлежност. Тоа е основно правило во јавнообвинителската работа.
Апелациониот суд Скопје, на 8 април 2024 година, донел Решение (КОКЖ бр.4/24), со кое одлучил дека за кривични дела поврзани со членот 353 од Кривичниот законик е надлежно Специјализираното одделение за судење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција Скопје. Логично, пандан на ова судско одделение е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Од каде тогаш потребата да се формира ново, посебно одделение во склоп на ОЈО Скопје, за да се гонат кривични дела поврзани со фамозниот член 353?
Новоформираното одделение треба да постапува и по предметите поврзани со членот 98-а за проширена конфискација. Сите знаеме дека токму обвинителиот Гаврил Бубевски, кој сега е шеф на ова одделение, постапуваше по предметот „Трансмет“ и сите знаеме како неславно заврши конфискацијата во тој предмет. Од каде тогаш надежта дека новото одделение, во кое сега се распоредени само 7 обвинители, од кои најмалку половината не можат да постапуваат по предмети поврзани со „сложен и сериозен криминал“, ќе биде поуспешно од шефот Бубевски?
Самите сме сведоци како неславно заврши и предметот „Лотарија на Македонија“, каде обвинителка беше токму спомнатата ќерка на поранешната јавна обвинителка Лиле Спасовска. Предметот неславно заврши токму во оној „сложен“ период, кога неколку обвинители од ОЈО Скопје има проблеми со дигестивниот тракт, па му се даде доволно време на првоосомничениот Прпарим Бајрами да ја напушти државата.
Патем речено, во ОЈО Скопје, покрај оние 7 „специјалците“ на Бубевски, има 50 други обвинители, голем број од нив со солидно и долгогодишно искуство во својата работа. Сите тие сега се потценети и практично се третирани како второкласни обвинители, кои треба да се занимаваат со „поедноставни“ и „полесни“ предмети. Каде е тука рационалноста?
Одделението на Бубевски е формирано спротивно на Законот?
Има сериозни мислења дека формирање на Одделението за сериозен и сложен криминал во ОЈО Скопје е спротивно и на законот. Во Законот за јавното обвинителство (ЗЈО) е регулирана организацијата на јавните обвинителства и е утврдена нивната стварна и месна надлежност.
Формирањето на новото одделение во ОЈО Скопје е спротивно на член 32 од Законот за јавното обвинителство и на членот 9 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства.
Така, во членот 32 од ЗЈО е предвидена надлежноста за постапување во прв степен на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Во тој член од Законот таксативно се наведени кривичните дела за кои е надлежно – ако се споредат тие дела со делата за кои сега треба да поставува новоформираното одделение во ОЈО Скопје, ќе се забалежи дека за многу од нив има дупла надлежност.
Новото одделение е спотивно и на членот 9 од Правилникот, во кој е предвидено јавните обвинителства кои имаат поголем обем на истородни предмети, заради подобра ефикасност и специјализација во работењето, да формираат сектори, одделенија и отсеци како внатрешни организациони единици.
Накусо, по формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на чело со Катица Јанева и по неславниот крај на таа Франкештајн јавнообвинителска институција, еве, сведоци сме на две нејзини реинкарнации. Прво се формираше ОЈО за ГООК, а сега и Одделението за сериозен и сложен криминал во ОЈО Скопје. По цена на конфузија, неефикасност и дуплирање на надлежностите, а во иднина и по цена на процесни пречки со кои би се оспорувале судските постпаки, на тие што ги контролираат обвинителствата сепак им е најважно да го сочуваат своите обвинителски маши, за да можат и понатаму да ја бранат неказнивоста за криминалот.
Затоа, како и во повеќе прилики до сега, авторот на оваа анализа ќе повтори уште еднаш: само итни и радикални промени во раководствата на правосудните институции, а потоа и генерален резибор на судиите и на обвинителите, може да доведе до независно и непристрасно правосудство какво што посакуваме. Оваа е гангрена во напредна фаза, кога животот може да се спаси само ако се исече гангренозното ткиво.