Поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 процента, при што највоздржани за ЕУ се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е констатирана поголема неопределеност, покажуваат Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ во 2024 година по направена анкета од октомври до декември.
Анкетата ја спроведе Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, кои 11 години ги следат трендовите и перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција на Македонија.
Резултатите покажуваат дека ЕУ е восприемена како најголем економски партнер, донатор и сојузник на земјава, а расте и перцепцијата на граѓаните дека ЕУ има значајно влијание како надворешен фактор. Прашани за приоритетите во надворешната политика, граѓаните го ставиле пристапувањето кон ЕУ како прв приоритет којшто би сакале да го видат од Владата.
Пред презентацијата на наодите од истражувањето, Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, соопшти дека кај младите е констатирана „отвореност за позитивни ставови кон Кина“, а кај највозрасните – за Русија.
– Оваа година констатираме дека поддршката за ЕУ се задржува на 62 процента. Оној постојан благ пад што го нотираме цела декада некако застанува, што не значи дека во една поширока слика нема да продолжи. Меѓутоа, можеме да констатираме дека мнозинството граѓани сепак ја поддржува Унијата и таа останува најпосакуван партнер. Она што е интересно е дека највоздржани во однос на поддршка на ЕУ се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои гледаме поголема неопределеност и неодлучност. Кај младите гледаме отвореност за позитивни ставови кон Кина, а кај највозрасната генерација кој Русија. Тоа не е презначаен процент, но, сепак, вреди да се констатира дека постои – изјави Трошановски.
Тој додаде дека кај младите приоритет останува пристапувањето кон Унијата, само што процентот за соработка со Кина и Русија „е малку поголем во однос на другите возрасни категории“. Тоа не значи, рече тој, дека постои „свртување кон Кина“, затоа што прашање за Кина за првпат е поставено во годинашната анкета, нема споредливи трендови како било претходно и нема длабинска анализа за причините.
Поддржувачите на албанскиот блок, додаде Трошановски, без исклучок, го поддржуваат и ервоинтеграцискиот процес, слично како и кај поддржувачите на СДСМ, кај кои има „високо, речиси консензуално ниво на поддршка кон ЕУ“.
– Во годинашната анкета е забележано зголемување на поддршката на ЕУ кај поддржувачите на Владата односно на ВМРО-ДПМНЕ, што, исто така, е значаен факт. Поддршката е на ниво од нешто повеќе од половина од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Другите се неутрални или можеби бараат други алтернативи и слично – рече Трошановски.
Во врска со етничката припадност, албанските сограѓани „целосно стојат зад поддршка на ЕУ“, а кај македонската популација „тој број е нешто повеќе од половина“.
Во споредба со претходната анкета се забележува пад од 20 отсто на перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави. Според Трошановски тоа се должи на репозиционирање на јавноста поради тенденцијата на САД полека да го напуштаат регионот и да се селат на други геополитички фронтови.
Прашан какви се очекувањата за перцепцијата во иднина, со оглед дека ова истражување е направено пред промената на власта во САД, Трошановски одговори дека таквата перцепција уште повеќе ќе се зголемува со оглед на „новата доктрина на американската надворешна политика која ги напушта Балканот и Европа и ги остава сами на себе во голем дел“.
– Наш стратешки приоритет, секако, треба да остане Европската Унија, притоа негувајќи најдобри можни односи со САД и тука треба да постигнеме баланс. Но, притоа, мора да имаме многу проактивен пристап како држава и да бараме модалитети што ќе го отклучат процесот на проширување, базирани на објективни принципи кои не бараат промена на Преговарачката рамка, туку утврдување на стандарди од страна на ЕУ за понатамошните преговарачки фази, не само за Македонија, туку и за другите кандидати – рече Трошановски.
Даниел Браун, директор на Канцеларија на Фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје рече дека наодите што ги добиваат со анкетите секоја година се менуваат.
– Оваа година бројките што ќе ги презентираме не се разликуваат многу од претходната година, но со оглед на претходните анализи од десетина години наназад, има одредени промени во однос на ставот, пред сè кај младите, за тоа каде оваа земја припаѓа во Европската Унија – изјави Браун.
Според него, презентацијата на наодите е во вистинско време и во контекст на тековната безбедносна конференција во Минхен и, пред сè во однос на трансатлантските партнерства, кои, како што рече, сега се повторно под знак прашање.
– Но, сепак, Европа треба да си ги знае своите силни страни, но и своите ограничувања. Политиката на проширување нормално дека ќе биде отежната поради околностите што се случуваат, но, сепак, одговорноста на ЕУ е да застане на маса, како што тоа го прават САД и Русија во моментот кога се прават преговори за Украина – рече Браун.